Грција ги продолжува преговорите со кредиторите

Грчката влада и тројката европски претставници на монетарните власти повторно седнуваат на заедничка преговарачка маса. Претставниците на грчкото министерство за финансии и европските кредитори ќе разговараат за сработеното од грчките обврски за да се утврди дали и кога Грција ќе може да ја добие новата рата од 2,8 милијарди евра од европскиот кредит.

Кредиторите ќе разгледуваат до каде е грчката влада со спроведувањето на реформите, како справување со корупција, транспарентност, приватизацијата на државните компании, реформи поврзани со намалувањето на здравствените и на осигурителните бенефиции.

Поради обврските кон европските кредитори, грчката влада од следниот месец ќе мора да спроведе нов бран зголемувања на даноците во сите сектори. Од октомври до јануари постепено ќе се зголемува данокот на додадена вредност за нафтата за греење, бензините и за горивата, цигарите, кафето, недвижнините и за фиксната телефонија.