Грозоморното обезглавување на украински војник осудено од меѓународната заедница

Набљудувачката мисија на ОН за човековите права во Украина излезе со соопштение, во кое се наведува дека очигледните егзекуции не биле изолиран инцидент

Фото: Мета.мк

Безмилосното обезглавување на украински воен заробеник, снимено на видео од руски војници, предизвика лавина реакции од меѓународната заедница, којашто побара истрага за грозоморното убиство и изведување на виновниците на суд.

Марија Пејчиновиќ – Буриќ, генерален секретар на Советот на Европа, во кој членуваат 46 држави, ја осуди бруталната егзекуција на украинските војници од страна на руските сили.

„Ужасната сум од видеото кое кружи на интернет на кое се гледа како руските војници го обезглавуваат украинскиот воен заробеник“, објави Пејчиновиќ Буриќ на Твитер.

Обединетите Нации (ОН) исто така реагираа на објавеното видео, посочувајќи дека се згрозени од ужасните снимки, при што на првата се гледа како припадник на руски сили обезглавува заробен украински војник, додека на втората снимка се прикажуваат обезглавени трупови на двајца украински војници како лежат покрај уништено воено возило, пренесува Укринформ.

Набљудувачката мисија на ОН за човековите права во Украина излезе со соопштение, во кое се наведува дека очигледните егзекуции не биле изолиран инцидент.

„Мисијата на ОН за следење на човековите права во Украина е згрозена од особено грозоморните видеа објавени на социјалните мрежи“, се наведува во нивното соопштение.

Во неодамнешните извештаи на оваа мисија, таа документира голем број сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Украина, вклучително и оние извршени против воени заробеници. Од мисијата потенцираат дека мора соодветно да се истражат и последните инциденти, а сторителите да одговараат.

Украинските власти веќе ја повикаа Канцеларијата на Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд да отвори соодветна истрага за ова воено злосторство и да ја истражи целата ситуација со злосторствата извршени од руски граѓани на територијата на Украина.

Во меѓувреме, руските сили продолжуваат со несмалено темпо да вршат ракетни напади врз населени места во Украина. Во текот на изминатава ноќ, руските сили го гранатирале градот Славјанск во Донецкиот регион, при што биле уништени училиште, станбени згради и градскиот водоснабдителен систем. Изминатово деноноќие во Донецкиот регион како последица на руското гранатирање загинал еден цивил, а двајца се повредени, пренесува Гардијан.

Во 46 наврати изминатово деноноќие биле гранатирани и населени места во Херсонскиот регион, при што еден цивил загина, а двајца биле повредени.