И покрај тоа што пругата од Битола до Кременица на македонско – грчката граница е веќе изградена, на неа во скоро време нема да минуваат патнички возови. Грчкиот железнички оператор – TrainOse не е заинтересиран за воведување пограничен воз меѓу Битола и Лерин. Како што информираат за „Мета“ од Железници на РСМ – Транспорт, на 30 мај во Скопје се одржал состанок со генералниот директор на грчката железница, на која се разговарало за иницијативите на нашата железница за поквалитетно железничко поврзување со јужниот сосед.
Двете земји имаат воспоставено редовен железнички сообраќај на релациите Солун – Лерин и Скопје – Битола, со по 3 воза дневно.
Идејата на овдешната железница беше да се искористат моторните гарнитури што сообраќаат од двете страни на границата за да се воведе пограничен воз, кој ќе им користи на граѓаните од двете земји за патување меѓу Битола, Лерин и Солун.
Од Железници на РСМ – Транспорт нагласуваат дека грчкиот оператор TrainOse засега е заинтересиран единствено за целогодишно одржување на железничката линија од Скопје до Солун преку Гевгелија. Во втората половина на јуни, делегација на овдешната железница ќе отпатува во работна посета на Солун, каде би се постигнал конечен договор околу можното воведување на експресен воз меѓу Скопје и Солун што би сообраќал во текот на целата година.
Железници на РСМ – Транспорт во април годинава успешно ја тестираше новоизградената пруга од Битола до Кременица. Во пругата долга 17 километри беа инвестирани 17,2 милиони евра, со надеж дека второто железничко поврзување меѓу Северна Македонија и Грција ќе обезбеди зголемен обем на превоз на стока и патници меѓу двете земји.