Бугарскиот парламент ќе го разгледува гласањето за доверба на владата на премиерот Кирил Петков во вторник од 11 часот, а гласањето би требало да се одржи следниот ден, в среда.
Одлуката за свикување на вонредната седница во вторник е потпишано од заменик-претседателот на парламентот Мирослав Иванов, пишува mediapool.bg.
Во средата ГЕРБ поднесе барање за гласање доверба на актуелниот владин кабинет, од кој минатата седмица се повлече партијата „Има таков народ“ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов. ГЕРБ барањето го аргументираше сo „пропаст на финансиската политика на државата“.
Подоцна истиот ден, ИТН поднесе барање за разрешување на претседателот на парламентот, Никола Минчев, кој е од партијата на премиерот Петков. Минчев беше разрешен вчера.
Во меѓувреме, распадот на ИТН во парламентот продолжува. По првите пет пратеника што „му избегаа“, денеска уште еден пратеник ја напушти пратеничката група на партијата. Според еден од првите петмина бегалци, можно е уште најмалку пет пратеника да излезат од партијата, со што навистина драстично се зголемуваат шансите на владата на Петков да го „преживее“ гласањето доверба в среда.
Бугарскиот претседател Румен Радев, кој е во континуитет на тврда линија кон Македонија, денеска предупреди дека „секоја итроштина или обид за измени во поглед на Северна Македонија ќе имаат тешки последици“. Според него, владата „треба да ги разбие сите сомнежи дека може да се повлече од ветото за Република Северна Македонија“.
„Знаете дека премиерот заминува во Брисел следната седмица и треба го одбрани националниот интерес. Затоа и Народното собрание и Бугарите треба однапред да знаат претходно и јасно точно каква позиција ќе брани премиерот и таа не може да се разликува од рамката на Консултативниот совет за национална безбедност“, рече Радев.
Кристијан Вигенин, пратеник од БСП и поранешен министер за надворешни работи на Бугарија исто така за Бугарското национално радио рече дека „нема да има кревање на ветото, каков и да е предлогот од француското претседателство“, пренесува mediapool.bg.