Ѓоковиќ се соочува со депортација: Австралија по вторпат му ја укина визата

Фото: Новак Ѓоковиќ Инстаграм

Австралиските власти по вторпат му ја укинаа визата на Новак Ѓоковиќ и на адвокатите на Новак Ѓоковиќ им предадоа барање за тој да се појави утре на сослушување во судот за да се одлучат за понатамошните чекори.

Светскиот првак во тенис сега се соочува со депортација, но неговите адвокати од реномираната адвокатска канцеларија „Hall & Wilcox“ се надеваат дека ќе успеат да му овозможат досега невидено сценарио за да може да игра на Австралија Опен.

Откако министерот за имиграција Алекс Хок донесе одлука за укинување на визата на Ѓоковиќ, 34-годишниот рекет број еден и со одлуката за депортација би можел да игра турнир, бидејќи би имал право на жалба. Како што пренесоа светските медиуми она што е клучно е фактот што владата би можела да му издаде привремена виза поради натпреварот во Мелбурн кој почнува во понеделник.

„Денеска ги искористив моите овластувања да ја укинам визата на Новак Ѓоковиќ, што е во здравствен и јавен интерес на земјата. Владата на Скот Морисон е силно посветена кон заштитата на границите на Австралија, особено во врска со пандемијата на ковид-19“, се вели во изјавата на министерот за имиграција Алекс Хок.

Тој се огласи пет дена откако федералниот суд во Мелбурн ја поништи одлуката да му се укине визата на Ѓоковиќ, при што му беше дозволено да излезе од имиграцискиот притвор и да тренира. Оваа одлука значи дека Ѓоковиќ можеби ќе добие и тригодишна забрана за влез во Австралија.

Организаторите на Отвореното првенство на Австралија му дозволија на Ѓоковиќ да учествува иако не е вакциниран против ковид-19, што е главен услов за влез во земјата. Тој доби дозвола за медицинско изземање од вакцинирањето врз основа на тоа што имал позитивен тест за коронавирус на 16 декември. Австралиските власти во ноември ја известиле Тениската федерација дека скорешна зараза со коронавирусот не е нужна основа за изземање. Во меѓувреме се дозна дека Ѓоковиќ ги кршел правилата за изолација во својата земја и дека дал лажна изјава дека не патувал 14 дена пред доаѓањето во Мелбурн минатата среда, кога визата првпат му беше поништена.

Пред да замине во Австралија на 5 јануари, Ѓоковиќ беше забележан во Србија на 25 декември и фатен на камера во Шпанија неколку дена подоцна, на 31 декември. Но, прашањето како на невакцинираниот 34-годишник му беше дозволен влез да тренира во Марбела, каде што има дом и живее неговиот брат Марко, до денес останува нејасно.

Откако во јавноста се појавија документите кои адвокатите на Ѓоковиќ ги приложија во судот во понеделникот меѓу кои и позитивен тест за копвид од 16 декември тој јавно се извини за неодговорното однесување со кое го прекршил здравствените протоколи.

„Сакам да одговорам на сите дезинформации за моите активности во декември кои се поврзани со мојот позитивен резултат од ПЦР тестот за ковид-19. Сакам да истакнам дека многу се трудев да обезбедам сигурност за сите. На 14-ти декември бев на кошаркарски натпревар во Белград, а потоа беше објавено дека таму имало повеќе кошаркари позитивни на коронавирус. Иако немав симптоми направив брз тест на 16-ти декември. Тестот беше негативен, но како мерка за претпазливост истиот ден направив и ПЦР тест. Следниот ден присуствував на тениски настан во Белград на доделување награди за деца. Пред да одам таму, повторно направив брз тест и тој тест беше негативен. Сè уште немав симптоми па затоа и заминав. Известувањето дека бев позитивен го добив дури после тој настан“, напиша Ѓоковиќ на Инстаграм.

Шпанските медиуми потсетуваат дека српските жители кои сакаат да влезат во Шпанија во моментов треба да покажат дека се целосно вакцинирани или да добијат изземање од шпанската влада и да покажат доказ за негативен тест за Ковид. Шпанската амбасада во Србија ги советува луѓето кои сакаат да добијат ослободување да ги контактираат писмено. Шпанските медиуми се сомневаат како Ѓоковиќ би можел да се квалификува за изземање.