Во Белград молк и исчекување: „Ноле ни е поважен од претседателот“

Фото: Мета.мк и Новак Ѓоковиќ инстаграм

Во српската престолнина Белград сите очи се вперени во телевизиските екрани кои ги пренесуваат судските сесии за жалбата на Новак Ѓоковиќ по одлуката на министерот за имиграција Алекс Хок по втор пат да му ја укине австралиската виза на 34-годишниот рекет број еден.

Молк владее и во ресторанот Ноле 1 во Нов Белград каде екипата на Мета.мк престојуваше утрово. Бројни обожаватели и новинари без да изустат збор, со внимание го слушаа австралискиот судија Ентони Кели кој изјави дека српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ нема да биде депортиран од Мелбурн додека не се заврши жалбата за укинување на визата и оти случајот сега е префрлен на Сојузниот суд на Австралија.

Тој прецизираше дека Ѓоковиќ вечерва во 22 часот по средноевропско време (сабота наутро по локално време) во Мелбурн ќе разговара со имиграциските власти.

Светскиот тениски првак потоа ќе биде однесен во притвор за имиграција на тајна локација каде ќе остане до сослушувањето во недела. Адвокатот на министерот за имиграција, кој му ја укина визата на Ѓоковиќ, предложи Новак да биде однесен во адвокатската канцеларија во осум часот (22.00 часот по македонско време) за да подготви жалба и да биде приведен напладне по локално време (02.00 часот по македонско време) до сослушувањето кое треба да биде во недела.

Присутните во неговиот ресторан се надеваат дека Новак ќе биде успешен во жалбата и одлуката ќе биде укината за да може да остане да игра на „Австралија опен“ кој ќе стартува во понеделник.

„Ноле ни е поважен од претседателот, би било голема штета да го депортираат и да не му дозволат да игра“, изјави Алекса Крстиќ за Мета.мк

Сепак има и такви кои сметаат дека министерот за имиграција и министерот за внатрешни работи имаат голема моќ и се сомневаат дека таа моќ ќе можат може да ја искористат против рекетот број еден.

Сагата со австралиските власти за Ѓоковиќ почна на 5 јануари кога при пристигнувањето на аеродромот во Мелбурн во вечерните часови имаше проблем со визата за влез во земјата. Тогаш австралискиот премиер Скот Морисон побара од 34-годишниот тенисер доказ дека „медицинското изземање“ кое го има за настап на турнирот е оправдано, по што Ѓоковиќ беше во имиграциски хотел.

На 10 јануари судијата Ентони Кели издаде налог за итно ослободување на Ѓоковиќ бидејќи процени дека не постои оправдана причина поради која службениците на граничната контрола му забраниле на Ѓоковиќ влез во Австралија и наложува тој да биде пуштен од имиграцискиот притвор во рок од 30 минути. Покрај тоа, судијата и наложи на австралиската Влада да му ги надомести сите трошоци за времето минато во имиграцискиот притвор.

Меѓутоа во судската одлука нагласи дека министерот за имиграција Алекс Хоук го „задржува личното право“ да наложи депортација на Ѓоковиќ со првиот следен авион.

Тенисерот е под лупата на јавноста и дека ги измамил играчите околу прописите за влез во земјата, наведувајќи дека владата „одбила“ да ја провери автентичноста на медицинските документи при нивното доаѓање, како и заради тоа што, како што самиот призна, дека на 18 декември, и покрај тоа што имал позитивен корона-тест, се сретнал со новинарот на францускиот спортски весник L’Equipe, а ден пред тоа доделуваше пехари на младите тенисери во Белград, при што не носеше маска и позираше на фотографии со децата без да држи растојание.

Доколку остане во Мелбурн, Новак во понеделник ќе се појави на првиот натпревар  од првото коло на Австралија опен.