Гевгелиски таксисти ја блокираа пругата поради забраната да превезуваат мигранти

Здружението на лиценцирани такси-превозници „Авто-таксисти“ од Гевгелија, утрово, во 10 часот, почнало протест поради забраната да се превезуваат мигранти од Гевгелија до Куманово, информира Министерството за внатрешни работи.

Членови на здружението, со своите такси-возила и со жив штит, ја блокирале железничката пруга кај железничкиот мост на Сува река.

Како што информираат од МВР, таксистите ги блокираат возовите што се упатуваат до Прифатниот центар за мигранти, како и патничките возови од Гевгелија.

„Ваквите блокади би траеле секојдневно, сè до исполнување на нивните барања, односно вклучување во транспортот на мигранти од Гевгелија за Куманово“, стои во информацијата од дневниот билтен на МВР за протестот.