Контраспин: Mигрантите нема да стапнат во Албанија, а камоли во С. Македонија

Албанија нема да „стане депонија“, бидејќи воопшто нема да ги прима и сместува мигрантите. Следствено, штом нема да има воопшто мигранти во Албанија, значи дека нема ни да има мигранти кои хипотетички би извршиле „инвазија“ на С. Македонија

-

Двата центра за процесирање на мигранти во Шенѓин и Гајдер, Албанија, ќе бидат само тоа – центри за процесирање. Мигрантите спасени на море ќе бидат испратени во центрите каде што нивните барања за азил ќе бидат обработени во рок од 28 дена. Прифатените апликанти ќе бидат пренесени во Италија, додека одбиените ќе останат во притвор пред да бидат репатрирани. Штом Албанија нема да прима и сместува мигранти, нема ни да има такви што ќе се упатат кон С. Македонија. Овие центри не се услов од Италија за пристап на Албанија кон ЕУ, ниту, пак, се доказ дека и ние ќе добиеме ист ваков. Наспроти тврдењето во објавата, некои од бастионите на строгата „антимигрантска“ политика, сепак, примаат азиланти, пишува Вистиномер. 

Анализата ја пренесуваме интегрално:

 

Петар Богојески, претседателот на партијата Македонски Концепт, во својата објава на социјалната мрежа Фејсбук сее страв и манипулира со фактите, за вест што е стара веќе неколку месеци:

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ НА ВРЕМЕ! 

Од денес Албанија и официјално ќе стане примарен центар за африкански мигранти.

Албанските власти ќе започнат да примаат мигранти кои пристигнуваат на бреговите на Италија, со план да сместат 10.000 мигранти годишно.

МАКЕДОНИЈА Е ВО ОПАСНОСТ! 

Итно строга контрола на границата со Албанија!

Тие решиле да бидат измеќари и да станат африканска депонија! Албанија за 5 години нема да биде ваква, каква што ја знаеме денес! 

Не мораме и ние!!! Можеме и мораме да се заштитиме како Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Австрија, Романија, Бугарија и сл. на нив! 

Ако направиме уште сега грешка, ништо нема да остане од нас! 

Ова е инвазија и имаме легитимно право да се браниме! 

Очекувам поддршка од сите македонски граѓани по ова прашање! Ако изостане граѓанска поддршка, да знаете дека нема да успееме да се одбраниме! 

За неколку денови, низ Македонија ќе започне кампањата од неолибералните гниди, од измеќарите и арапски платеници, од левичарски енвер оџи, паЉестински и хамас поддржувачи и други отпадоци, за тоа колку е добро да станеме африканска земја, дека африканскиот и блискоисточен ислам не е проблем, бурките се одлични, силување на деца од 12 години е супер, па и тие на 8 години, убивање на христијани е оправдано, само затоа што се христијани и се лоши што не сакаат да се друго, и т.н. и т.н. 

Во моментов Британија е доведена во очај токму од таквите неолиберални гниди. Франција исто! Германија се обидува да се спротистави, тешко им оди! Но тоа се земји со огромни ресурси и државен имунитет! Македонија не е! Ќе не скршат засекогаш! 

Сега е време да се дејствува! 

Приказната дека “нема да останат тука, никој не сака сиромаштија, ќе заминат во ЕУ” е МИНАТО! Токму обратно, земјите од ЕУ ќе го испраќаат олошот од кај себе и ќе го депонираат тука, за сега во Албанија. 

Можете да претпоставите која ќе биде следна земја!?! И кој ќе биде следен “услов за ЕУ”?!?

Македонија мора да се постави како Полска, Чешка и Словачка! Да не чекаме!

[Извор: Фејсбук објава, Петар Богојески; датум: 20.08.2024]

Контраспин: Во објавата на Богојески се препознава спин околу италијанските центри за процесирање на мигранти во Албанија. Во целата објава се сее страв како божем во С. Македонија божем ќе има инвазија од мигранти, се шират небулози околу условите за влез во ЕУ, како и многу јасна ксенофобична и исламофобична реторика.

Основните факти се следните. По децениски долга антимигрантска реторика и предизборно ветување дека ќе се позиционира строго кон нерегулираната миграција, минатата година италијанската премиерка Џорџа Мелони се соочуваше со бранови на мигранти од Африка. Еден од начините да се справи со овој проблем надвор од бреговите на Италија беше преку Договорот со Албанија склучен во ноември минатата година. Според Договорот, ќе се отворат два центра за процесирање на мигрантите во Шенѓин и Гајдер, а истиот се ратификува во албанскиот парламент уште во февруари оваа година.

Пред неколку месеци, во јуни, Мелони ги посети овие центри, коишто беше најавено дека ќе имаат капацитет од 3 илјади луѓе. А, минатата недела, на покана на италијанското Министерство за внатрешни работи, Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (UNHCR) ќе учествува во мониторирње на работата во двата центра во Албанија и состојбата на луѓето што ќе бидат сместени таму. Последно, оваа недела, како што пренесуваат албанските медиуми, пристигна првиот контингент на италијански полициски сили во вторник (20.08.2024), кои ќе ја гарантираат безбедност во овие центри.

Да го разгледаме овој дел од објавата на Богојески на Фејсбук:

Албанските власти ќе започнат да примаат мигранти кои пристигнуваат на бреговите на Италија, со план да сместат 10.000 мигранти годишно.

Според Ројтерс, мигратите што ќе пристигнат во центрите „нема да стапнат“ во Албанија, дури ни бремените жени, малолетниците и други ранливи групи.

Мигрантите што ќе бидат собрани на море ќе бидат испратени во овие центри, каде барањата за азил треба да се обработат во рок од 28 дена. Лицата чии барања ќе бидат прифатени, ќе бидат испратени во Италија. Одбиените мигранти ќе бидат приведени пред да бидат репатрирани.

Ова значи дека Албанија нема да „стане депонија“, бидејќи воопшто нема да ги прима и сместува мигрантите. Следствено, штом нема да има воопшто мигранти во Албанија, значи дека нема ни да има мигранти кои хипотетички би извршиле „инвазија“ на С. Македонија.

Понтаму Богојески во објавата вели:

Можеме и мораме да се заштитиме како Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Австрија, Романија, Бугарија и сл. на нив!

Бидејќи се наведуваат неколку земји како пример за заштита и строга антимигрантска политика, да ги разгледаме статистиките на некои од нив. Според датабазата за информации околу азиланти при Европскиот совет за бегалци, само за 2023 година ги наоѓаме следните бројки на барања за азил и стапката на прифатен статус на азил или статус на дополнителна заштита: Полска – 9,513 (48,69%), Австрија – 59,232 (8,98%), Романија – 10,346 (39,69%) и соседна Бугарија – 22,518 (25.7%). Интересно да се забележи е тоа што, според Европската комисија и Националниот институт за статистика, Бугарија во изминатите години има поголема стапка на имиграција отколку емиграција.

За другите држави нема податоци на овој сајт, освен Унгарија за која има податоци од 2022 и има само 44 апликации – вистински пример за отсуство на примање мигранти/азиланти.

Од ова може да увиди дека со исклучок на Унгарија, другите држави што наводно имаат строга антимигрантска политика, па според објавта, немале наплив на мигранти, сепак во поголема или помала пропорционална мерка примаат азиланти и мигранти од Африка и Блискиот Исток. Што значи дека овие примери не се нешто издржани и покрај тоа што во самите држави има (владејачки) партии што гласно промовираат антиимигрантска реторика. Ова е убаво објаснето во Пактот за миграција и азил на Европската комисија.

Во објавата, исто така, се тврди дека:

Во моментов Британија е доведена во очај токму од таквите неолиберални гниди.

Ама, битно е да се потенцира дека околу „очајот во Британија“ виновен а Англичанец, не мигрант. По тргичното убиството на три девојчиња Саутпорт, започнаа масовни немири низ цела држава откога погрешно беше идентификуван напаѓачот како муслимански мигрант. Односно, како што пишуваа повеќе светски медиуми:

Лажните тврдења за потеклото на осомничениот се проширија како огнена стихија, а некои лажно го именуваа како „Али ал Шакати“, без официјален извор за името. Имаше и тврдења дека осомничениот пристигнал во Велика Британија со мал брод во 2023 година, што исто така беше лажно, пишува во Ал Џезира.

Креирање на ваков антимигрантски, ксенофибичен и исламофобичен сентимент не е без последици. Во деновите по трагичниот настан во Саутпорт, заради напливот на дезинформации околу идентитетот на осомничениот напаѓач, крајно десничарските агитатори и демонстранти нападнаа локална џамија, извикувајќи „Нека се е**т муслиманите“ (F**K Muslims).

На крајот од објавата Богојески прашува: „И кој ќе биде следен “услов за ЕУ’?!“, алудирајќи на тоа дека ќе ни биде наметнато да примиме огромен број мигранти.

Овие центри за процесирање на мигранти немаат никаква врска со процесот на пристапување на Албанија кон ЕУ. Нема ниту какви било докази дека конкретно Италија им го поставила ова како услов на Албанија, ниту пак, досега некој од меѓународните авторитети кажал дека  ние ќе добиеме нов услов за нашиот евроинтеграциски процес. Напротив, како што пишува во Ројтерс, отворањето на овие центри е начин да се заблагодарат [Албанците] на Италија, која прими илјадници Албанци кои бегаа од сиромаштијата по падот на комунизмот во 1991 година.

Заклучно, треба повторно да се акцентира дека целата објава е базирана на неточна премиса.  Мигрантите нема да бидат пуштени во Албанија, ниту истите да доаѓаат кај нас. Користење зборови како „инвазија“ и повикот „да се браниме“ и да има „строга контрола на границата“, е јасно сеење страв затоа што се претставува ситуацијата како ургентна закана, пред границата има конвој со илјадници мигранти. Дополнително, дел од овие реторики ни се познати, бидејќи истите се користат против нашите албански сограѓани со години.

Валидно е да се има грижи за прашањата околу (и)миграцијата, но прикажување на сите мигранти како криминалци и силувачи или дека го мразат христијанството, не само што погрешно, туку и опасно. Ваквите наративи неосновано ги ставаат сите мигранти во еден калап и ги претставуваат како надворешна закана по националниот идентитет, безбедност и култура.

 

Пишува: Матеј Тројачанец

Нема зголемување на платите на функционерите, одлучи Владата

Нема да растат платите на именуваните и избраните лица, судиите, членовите на судскиот совет, јавните обвинители и членовите на советот на јавните обвинители и истите, преку интервенција во коефициентите за пресметка...

[Интервју] Фидиас Панајоту: Како млади да ја преземеме иднината во свои раце, подобро од возрасните разбираме како се развива светот

Порталб.мк подготви поинакво интервју од Европскиот парламент во Стразбур, каде разговараше со најинтересните европратеници. Еден од нив има 24 години и доаѓа од Кипар. Тој е инфлуенсер и јутјубер со над...

На Меѓународниот ден на човековите права, пуштена во употреба играта „Навигатор“

Делегацијата на Европската Унија во земјава и Јуроп хаус, во партнерство со Обединетите Нации и Министерството за образование и наука (МОН), и во соработка со гејминг здружението Галактик Омнивор и Македонското...

Агелер за „црната листа“: Ако ние можеме да ги собереме доказите, тогаш можат и македонските институции

САД направија уште еден значаен чекор во борбата против корупцијата со тоа што ги назначија поранешниот заменик-претседател на Владата, Артан Груби и судијата на Апелациониот суд, Енвер Беџети за вмешаност во...

Нема зголемување на платите на функционерите, одлучи Владата

Нема да растат платите на именуваните и избраните лица, судиите, членовите на судскиот совет, јавните обвинители и членовите на советот на јавните обвинители и истите, преку интервенција во коефициентите...