Европските лидери згрозени од средбата Путин-Орбан

Чешкиот претседател рече дека Путин одржува средби со европски лидери со цел да го наруши единството на европските земји и целиот демократски свет

фото: официјална страница на Фејсбук на унгарскиот премиер / Orbán Viktor - Фејсбук

Европските лидери не смеат да паднат на тактиката на Владимир Путин, изјави вчера чешкиот претседател Петр Павел, два дена откако унгарскиот премиер Виктор Орбан се ракуваше со првиот човек на Русија.

Орбан, во редок потег за лидер на земја која е дел од ЕУ и НАТО, во вторникот се сретна со Путин во Пекинг, на, како што канцеларијата на унгарскиот премиер ја опиша, „дискусија за енергетска соработка и мир“, пишува „Гардијан“.

Унгарија долго време е критикувана за демократското уназадување и за нејзината пријателска надворешна политика кон Русија и Кина. Украинскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто рутински ја посетува Москва. Дополнително, Унгарија заедно со Турција, допрва треба да ја ратификува апликацијата на Шведска за членство во НАТО.

„Како што беше постојано прикажувано, Путин не се среќава со европски лидери со цел да се постигне мир во Украина. Мирот може да се постигне без никакви преговори од негова страна, едноставно со прекин на нападите и повлекување на неговите војници од украинска територија“, изјави вчера чешкиот претседател Павел – поранешен генерал на НАТО.

Павел додаде дека Путин ги одржува овие средби „само со цел да го наруши единството на европските земји и целиот демократски свет“ и дека Европа не треба да паѓа на неговата тактика.

Ден претходно, естонската премиерка Каја Калас за Ројтерс изјави дека сликите од ракувањето на унгарскиот премиер со Путин се „многу, многу непријатни“ и ѝ пркосат на логиката.

Остри критики за средбата упатија и американскиот амбасадор во Будимпешта Дејвид Пресман, како и германската амбасадорка Јулија Грос.

Орбан во Пекинг бил дел од меѓународен форум организиран од кинескиот претседател Кси Џинпинг – иницијативата „Појас и пат“.