ЕУ: Решението на бегалската криза е во побрза распределба на бегалците

Претседателството на Европската унија ја отфрли идејата за исклучување на Грција од шенген-зоната поради нејзините тешкотии да се справи со приливот на бегалци, јави БТА.

Решението на бегалската криза лежи во побрзо спроведување на планот за редистрибуција на бегалци од Италија и од Грција во другите земји од ЕУ, изјави по средбата на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Брисел, луксембуршкиот министер за имиграција, Жан Аселборн.

– Правно не е можно да се исклучи која било земја од шенген-зоната – рече Аселборн по повод сценариото за замрзнување или престанок на членството на Грција во просторот за слободно движење, за што се дискутира во медиумите во последните денови. Шенгенскиот договор предвидува преземање постепени мерки кои во краен случај овозможуваат обновување на контрола на внатрешните граници при лошо управување на надворешните граници, истакна Аселборн.