Ердоган прогласи победа на претседателските избори во Турција [галерија]

Ердоган излезе во јавноста и прогласи победа, а неговите приврзаници веќе со часови слават по улиците на Анкара и на Истанбул

Фото: Мета.мк

Реџеп Таип Ердоган останува претседател на Турција. Според резултатите што ги објави агенцијата Анадолија, а се однесуваат на 98 отсто преброени избирачки места, Ердоган добил 52,10 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат Кемал Киличдароглу 47,90 отсто.

Ердоган веќе излезе во јавноста и прогласи победа, а неговите приврзаници веќе со часови слават по улиците нa Анкара и на Истанбул, уште пред да бидат официјално познати резултатите. Сообраќајот на култниот плоштад Таксим во Истанбул е запрен, а огромни толпи се собрани пред неговата претседателска палата во Анкара.

„Го завршивме вториот круг од претседателските избори со наклонетост на нашата нација“, изјави Ердоган.

Говорејќи качен врз автобусот на кампањата, тој им се заблагодари на гласачите и рече дека му дале одговорност да владее со Турција уште пет години.

Ердоган го исмеваше Киличдароглу за поразот, велејќи „чао чао, Кемал“, додека поддржувачите исвиркуваа.

Таип Реџеп Ердоган владее со земјата веќе 20 години.