„Ел Чапо“ екстрадиран во САД

Мексиканскиот нарко-дилер Хоакин „Ел Чапо“ Гузман вчера е испорачан во САД по обвинение за трговија со наркотици, убиства, киднапирања и за други кривични дела, а денеска треба да се појави пред судот во Њујорк.

Мексиканското министерство за надворешни работи соопшти дека Гузман е предаден на американските власти, а двајца високи претставници на САД ја потврдија информацијата.

Американската управа за борба против наркотици го презела Гузман во Сиједад Хуарес, во мексиканската држава Чивава, во близина на градот Ел Пасо, а потоа со авион е пренесен во Њујорк, каде пристигнал околу 17.30 часот по локално време.

Водачот на картелот Соналоа е уапсен пред една година, откако вторпат побегна од затвор со максимално обезбедување, низ тунел ископан од неговата ќелија.

САД се обидуваа да го изведат Гузман пред американскиот суд откако првпат е обвинет кон почетокот на 90-тите години на минатата година. На Гузман му се заканува доживотна затворска кана по обвиненијата поднесени во повеќе американски градови, вклучувајќи ги Њујорк, Сан Диего, Чикаго и Мајами.