Екологистите бараат Струмица, Ново Село и Босилово да забранат иницијативи за тешка индустрија

Фото: „Еуромакс Ресоурцес“

Независните советници во Струмица, Ново Село и Босилово поведуваат иницијативи пред советниците во трите општини да се изгласаат одлуки со кои ќе бидат спречени сите идни можности за отворање загадувачка индустрија на ова подрачје.

Иницијативата потекнува од неколкугодишната борба на жителите на трите општини против отворањето на рудникот Иловица-Штука, за кој сметаат дека целосно ќе ја уништи животната средина и можностите за опстанок на земјоделскиот крај.

Советниците кои се дел од иницијативата „Стига е“ сметаат дека ваквата Предлог- одлука која тие ќе ја поднесат до Општините, кога ќе биде изгласана од Советите, ќе биде јасен сигнал за сите инвеститори кои би имале намера да инвестираат во тешка индустрија, но и за сите локални и државни институции кои се надлежни за планирање на развојот на овој крај.

„Одлуката всушност е предефинирано негативно мислење за секоја идна иницијатива која вклучува изградба на Г1- тешка задагувачка индустрија и истражувања и експлоатација на рудници за металични суровини. На тој начин мораме уште еднаш јасно да ставиме до знаење на сите дека ова е земјоделски крај, со чиста и незагадена природа, која е нашиот извор на живот“, вели Костадин Ристоманов, независен советник во општина Ново Село.

Предлог одлуката на советниците најпрво ќе се најде на дневен ред во општината Босилово. Тие сметаат дека на овој начин советниците во трите општини ќе имаат историска можност да го докажат нивниот став во однос на отворање рудници, топилници и други индустрии кои спаѓаат во групата тешка и загадувачка индустрија.

„Оваа одлука е иницирана и тесно поврзана со најголемата опасност на сите времиња за нашата котлина и пошироко, а тоа е отворање и работа на рудникот со отворен коп „Иловица-Штука“. Преку оваа одлука, негативното мислење на Советот на Босилово би значело недвосмислено одбивање и на рудникот од страна на Советот и општината, но и на сите иницијативи за работа на останатите тешки загадувачи“, велат од иницијативата „Стига е“.

Во меѓувреме, екологистите од југоистокот ја очекуваат и одлуката на Вишиот управен суд со која сметаат дека ќе се затвори случајот со рудникот Илoвица – Штука. Во март годинава беше објавена одлуката на Управниот суд со која се отфрли жалбата на компанијата „Еуромакс ресурсес“ и се потврди одземањето на концесијата, а предметот повторно се врати во Вишиот управен суд.

Во декември минатата година граѓани од југоистокот организираа и протест пред Вишиот Управен суд кога побараа да престане префрлувањето на предметот од Управниот до Вишиот суд и да се донесе дефинитивна одлука со која ќе се затвори случајот. Екологистите потенцираат дека случајот е јасен и дека е беспредметно да продолжат судските рочишта бидејќи концесинерот „Еуромакс ресурсес“ нема исполнето седум од деветте обврски кои му ги носи концесијата и кои требало да бидат извршени до 2016 година.

Случајот веќе еднаш беше во Вишиот управен суд, во јули лани, кога овој суд го поништи решението на Управниот суд со кој се одбиваше жалбата на „Еуромакс Ресурсес“ за одземената концесија. Вишиот управен суд тогаш донесе одлука да има повторно судење во Управниот суд.