ЕК: Балканот напредува кон ЕУ, но претстојат уште многу реформи

Балканските земји направиле чекор во реформите кон членство во ЕУ, но мора да се спроведат уште мноштво реформи, е суштината на годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на овие земји.

Во врска со БИХ, спроведувањето на реформите од агендата, која е условена во јули, претставува услов за разгледување на нејзината пријава за членство во ЕУ, се наведува во извештајот и се додава дека БИХ повторно е на реформски пат.

„Политичкиот консензус за влез на земјата во ЕУ, кој е прикажан во февруари во обврските преземени во пишана форма, треба да се реализира со усвојување и со усогласена примена на неопходните реформи во земјата“, стои во извештајот.

Србија, според Хан, остварила крупни чекори на пат кон ЕУ, што ја приближило кон отворање на првите преговарачки поглавја, најверојатно кон крајот на годинава.

– Очекуваме Србија одлучно да тргне напред во реформите, особено во правосудството, битката против корупцијата и организираниот криминал, слободата на изразување, сузбивањето на дискриминацијата, реформите на јавната управа и во економијата – нагласи Хан.

Во извештајот, објавен денеска, Европската комисија заклучува дека Косово постигнало напредок и оти спогодбата за стабилизација, асоцијација и за приближување е пресврт на патот кон европската иднина, но оценила дека во примената на европските стандарди во повеќето области, Косово е на почетокот од патот.

Во делот на политичките критериуми, Комисијата наведува дека Косово исполнило две важни ветувања, бидејќи собранието ги усвоило уставните амандмани кои овозможуваат основање на специјален суд и ја потврдило приврзаноста кон нормализација на односите со Србија, кои опфаќаат постигнување спогодби за енергетика, телекомуникации, мостот во Митровица и за заедница, односно асоцијација на српските општини.

Во документот се додава дека опозицијата со насилна опструкција на собраниските седници негативно влијае врз работата на собранието и дека тоа мора итно да се реши.

Во Црна Гора е забележан „умерен напредок“ во повеќе преговарачки поглавја, но се оценува дека „нивото на усогласеност варира“.

По повод неодамнешните протести на опозицијата, ЕК ги повикува политичките партии во Црна Гора да воспостават конструктивен дијалог.

Во однос на Македонија, Хан рече дека аферата со прислушување укажала на политичка корупција и на политичко вмешување во системот. Тој ја повика Турција да го смири порастот на насилството и остро го критикуваше кршењето на медиумските слободи во таа земја.