Две жени го обвинија Трамп за сексуално малтретирање

Републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, се соочува со нови обвиненија, овојпат за недолично однесување кон жени, за што за весникот „Њујорк тајмс“ сведочеа две жени.
Скандалот доаѓа една недела откако во јавноста се појави снимка на која Трамп на вулгарен начин зборува за жените.

Наводите на двете жени, кои го обвинија Трамп за непримерно допирање, неговиот портпарол ги нарече измислици, но тоа би можело да ѝ наштети на кампањата на Трамп, неколку недели во пресрет на претседателските избори, кои ќе се одржат на 8 ноември.

Една од жените, Џесика Лидс, раскажала дека Трамп ја фатил за гради и се обидел да стави рака под нејзиното здолниште за време на авионски лет за Њујорк во 1980 година, додека другата жена, Рејчел Кроукс, вели дека Трамп во 2005 година ја бакнал в уста кај лифтот во „Трамп тауер“ на Менхетан, каде работела како рецепционерка во фирма за недвижности.

Од изборниот штаб на Трамп ги отфрлија ваквите тврдења, велејќи дека тие се чиста фикција и оти „Њујорк тајмс“ објавил клевети кои добиваат особини на координиран атентат на Трамп.