Двајца повредени од невремето во Гостивар

Двајца повредени, десетина оштетени возила и паднати покриви од домови предизвика синоќешното невреме во гостиварскиот регион. Поради силниот ветер, повеќе села од мавровско-ростушкиот крај сè уште се без електрична енергија. Се работи на отстранување на дефектите.

Двете лица кои се повредени, на возраст од 19 и од 22 години, по укажаната лекарска помош во гостиварската болница се пуштени на домашно лекување. Двајцата повредите ги добиле на улицата Мајор Чеде Филиповски во Гостивар. Поради силниот ветер, паднало големо дрво и од кое гостиварците се повредени, но настрадал и монтажен објект, лоциран на таа улица.

Единаесет возила се оштетени од паднати дрва и ќерамиди на улицата Беличица во Гостивар и кај угостителскиот објект „Монт бланк“, на влезот во градот.

Во невремето настрадаа и селата во Гостиварско. Паднати се покриви од објекти во село Мало Турчане.

До утринава беше непрооден патот Бунец – Леуново, кој беше блокиран со одрони од камења.

Од невремето урнат е и семафорот кај познатата Здуњаска раскрсница во Гостивар. Исто така, оштетен е и објект за продажба на скијачка опрема во Маврово.