Државата нема да ги преземе ингеренциите за урбанизмот од Општина Струга

Оваа мултикултурна манифестација ја организира Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) во соработка со Мисијата на ОБСЕ

Општина Струга и градоначалникот Рамиз Мерко сè уште чекаат одговор од Министерството за транспорт и врски на писмото со кое Општината бара Министерството да ги преземе ингеренциите во областа на урбанизмот и спроведувањето на забелешките од УНЕСКО. Од кабинетот на Мерко потврдија дека одговор нема, што го толкуваат како неодобрување на барањето.

Деновиве при една од теренските посети на патиштата во градба, „Мета.мк“ го праша министерот Горан Сугарески за тоа дали централната власт ги презема ингеренциите во областа на урбанизмот во Струга.

– Секако дека одговорот е не. Што би било кога секоја општина би ни се обратила со такво барање?! – кратко одговори Сугарески.

Во писмо испратено во текот на јули, струшкиот градоначалник Мерко напиша дека ги отстапува ингеренциите на централната власт, а одлуката била изнудена поради негативната кампања која во јавноста се водела против него и против градот Струга. Мерко оценува дека оваа негативна кампања се водела со цел за прикривање на дивоградбите во градот Охрид и опасноста која доаѓа со одземањето на статусот од УНЕСКО.

Од кабинетот на струшкиот градоначалник додаваат дека во областа на урбанизмот во Струга во моментов во сила е мораториум, со кој се забранува натамошно градење или издавање на градежни дозволи. Мораториумот останува на сила до февруари 2020 година.

Општина Охрид, која што има ингеренции за дел од Охридското Езеро, по препораки од УНЕСКО и Владата, минатата недела излезе со најава за засилени контроли на евентуалните дивоградби, а паралелно работи и на план за управување со светското и културно наследство во Охридскиот регион.