Директорот на Државен студентски дом вели дека сите сметки за вода се платени

Невистина се тврдењата на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје дека Државниот студентски дом „Скопје“ (ДСД) или Министерството за образование и наука не ги плаќале сметките за вода, реагираше Атанас Бојчев, директор на ДСД.

Јавното претпријатие, откако вчера Бојчев обвини дека неосновано ја сопрело водата во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, реагираше и порача дека тоа се случилоа поради неплаќање сметки во последните пет месеци и поради неподмирување на долгот од претходно.

Но Бојчев во денешниот деман вели дека од моментот на назначувањето на новото раководство „сите сметки за вода се платени и тоа е јавен податок кој многу лесно се проверува“. Тој посочи и дека иако претходно сметките не се плаќале со години, водата не била сопирана.

– Се работи за долг стар 5 години, направен од претходното раководство, со што е нарушено живеењето и секојдневните потреби на студентите во домот. За периодот од пет години на неплаќање на сметките за вода не е поднесена ниту една опомена за исклучување, ниту пак е дојдено да се исклучи водата и за конкретниот периодот направен е долг од околу 60 милиони денари (речиси милион евра) – реагира Бојчев.

Директорот на Државниот студентски дом вели и дека новото раководство ги платило и сметките за вода за јули и август, а на 26 месецов, на седница на Влада се обезбедени и депонирани  пари за плаќање на заостанатиот долг.

Со вакви вулгарни нечовечки постапки, се загрозуваат основните животни потреби на студентите сместени во студентските домови, и се поигрува со животните услови и стандарди на најранливата и од посебен вид општествена категорија граѓани, оставајќи ги ненајавено и бесрамно во утринските часови без вода.