Денеска гласаат болните од ковид-19 и лицата во самоизолација

Болните од ковид-19 и граѓаните што се наоѓаат во самоизолација денеска ќе можат да го остварат правото на глас на предвремените парламентарни избори. Денешното гласање ќе се одвива на ист начин како што гласаат болните и немоќни лица, односно избирачките одбори ќе ги посетат домовите на лицата во карантин и самоизолација. Право на глас имаат само оние лица што се пријавија до општинските изборни комисии за гласање дома.

Лицата кои заболеле од ковид-19 или на граѓаните на кои им е издадено решение за самоизолација во периодот по 8 јули, на овие парламентарни избори нема да можат да го остварат своето право на глас. Исто така, нема да можат да гласаат ниту оние болни од ковид-19 и лица во самоизолација кои не се регистрираа за да гласаат од нивните домови. Од ДИК информираат дека денеска правото на глас ќе го остварат 716 граѓани, што е далеку помалку од бројката на лица заразени од ковид-19 или оние што се наоѓаат во самоизолација.

Денешното гласање се одвива под посебен протокол, при што членовите на избирачките одбори ќе бидат под посебна заштита со лична заштитна опрема. Членовите на одборите ги менуваат мантилите, ракавиците и заштитните маски по посетата на секој дом на болните од ковид-19 и лицата во самоизолација. Граѓаните кои ќе гласаат денеска ќе мора гласачкото ливче да го стават во плико, а потоа во избирачката кутија. Откако ќе заврши гласањето, во општинската изборна комисија кутијата се отвора и пликовите се селектираат по избирачките места, по што се ставаат во соодветна кутија за избирачкото место во кое вообичаено гласаат болните од ковид-19 и оние во самоизолација.

Северна Македонија за првпат во својата историја одржува тридневни избори. Утре ќе гласаат немоќните и болните лица, додека во среда е главниот изборен ден. Гласачките места на 15 јули ќе бидат отворени за граѓаните во периодот од 7 до 21 часот, а граѓаните задолжително ќе треба да носат лична заштитна опрема за да можат да гласаат.