ДЕБАТА: Медиумската писменост и борбата против дезинформации треба паралелно да се развиваат

Она што е заедничка особина на дезинформациите, вели Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис, е дека ние ги дефинираме како содржини со кои намерно се обидуваат да се измамат луѓето

Фото: Мета.мк

Справувањето со дезинформации во македонското општество и развојот на медиумската писменост кај различни категории на граѓани треба паралелно да се развиваат за да се минимизираат штетите во онлајн просторот кои во моментов се присутни. Ова беше кажано од соговорниците на денешната сесија со наслов „Борба против штетите во онлајн просторот – рамката на ЕУ, националните структури и иницијативи и како да се подобри нивниот успех“.

Експертката од Естонија, Катрин Најман-Меткалф во своето обраќање даде преглед на наодите од анализата на новите медиуми и технологии со фокус на релевантните закони и политики на ЕУ и на европските стандарди. Таа се фокусираше на легислативната рамка на ЕУ, како и на некои прашања на кои е потребно да се посвети внимание во земјава.

Фото: Мета.мк

Таа посочи дека кога зборуваме за дезинформациите и говорот на омраза, ова се проблеми што не се иманентни само на новите медиуми, бидејќи пропагандата отсекогаш постоела, но она што е ново е можноста за лесен пристап до ваквите пораки со дезинформации и говорот на омраза преку онлајн медиумите.

Најман-Меткалф говореше и за клучните концепти во Актот за дигитални услуги на ЕУ, при што предупреди на прекумерното регулирање на дигиталните услуги и медиумските содржини, потенцирајќи дека ова е клучно и комплексно прашање. Токму поради предизвикот за прекумерно регулирање, има тенденција во ЕУ да се истакне саморегулацијата особено во медиумскиот сектор како клучно прашање.

Таа предупреди против прекумерната регулатива се голем дел од одговорностите коишто треба да паднат на големите компании кои ги поседуваат социјалните мрежи и платформи, кои треба да се доведат до тоа сами да се регулираат. Тука треба да се стави акцент на тоа како се користи содржината и транспарентноста на самите платформи што е многу важно, бидејќи самите тие можат да отстранат поголем број содржини од нив, посочи Најман-Меткалф.

Од друга страна, таа спомена дека значаен дел од регулирањето е и промоцијата на наративот – работите кои се незаконски офлајн, треба да бидат незаконски и онлајн. Како соодветен за пример за ова, таа ја наведе електронската трговија и одговорноста што ја имаат тие која не е поразлична од трговијата што се случува надвор од онлајн просторот.

Најман-Меткалф во своето обраќање спомена дека говорот на омраза и дезинформациите се важна точка во рамките на целата дебата, во земјава се вложуваат различни напори на овие полиња, но прашањето е дали ваквите напори ѝ се познати на јавноста, дали јавноста знае дека имаме добри алатки за развој на дигиталната писменост.

„Луѓето треба да бидат запознаени со овие алатки, тие треба да бидат едноставни за користење на луѓето, за да не бидат обесхрабрени да не ги користат“, изјави експертката од Естонија.

Таа додаде дека има голем број земји, каде ако учествувате во саморегулацијата, добивате и нешто за возврат. Поради ова, важно е медиумите да се притиснат за да учествуваат во саморегулацијата.

Дезинформации рој, целат да ѝ наштетат на земјава

Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата Метаморфозис во рамките на своето обраќање поврзано со темата „Национални иницијативи – Градење отпорност на дезинформации: од проверка на факти до дигитална писменост и инклузивно креирање политики“ направи преглед на тековната ситуација во земјава.

Тој рече дека е клучно тоа што сега постои свесност за опасноста од дезинформациите и другите штетни влијанија и злоупотреби на медиумската сфера.

„Постои ранливост во нашето општество и затоа неопходен е системски пристап во решавањето на проблемите, да се идентификуваат прво тие, а потоа и да се решат, од квалитетот на образованието, квалитетот на медиумите, квалитетот на јавната дебата и до мерките кои државните институции мора да ги направат за да се реши ситуацијата, но тие мора да се спроведат во соработка со медиумите, граѓанскиот сектор, приватниот сектор и академската заедница“, изјави Филип Стојановски.

Фото: Мета.мк

Тој додаде дека македонското општество било доведено во ситуации кога бевме изложени на огромна количина на дезинформации насочени да се блокира функционирањето на системот. Она што е заедничка особина на дезинформациите, вели Стојановски, е дека ние ги дефинирираме како содржини со кои намерно се обидуваат да се измамат луѓето.

„Клучно за дезинформациите е дека има обид да се наруши функционирањето на општеството и да се продлабочат проблемите кои веќе постојат, да се сее недоверба кон институциите и различните субјекти во општеството, но и да се попречи целиот процес на приклучување кон ЕУ“, потенцираше Стојановски.

За најчестите типови на дезинформации, Стојановски рече дека дел од нив се рециклираат со години како теориите на заговори, но има и дезинформации за нарушување на довербата кон државните и европските институции преку она што потпаѓа под терминот културни војни. Ова значи дека некои области како човековите права (на пример, родовата еднаквост) се опишуваат како закана за општеството, а западните вредности се опишуваат како нешто страшно и злонамерно. ЕУ е претставена како незаинтересирана и како да не сака да се вклучиме во ЕУ, туку дека има некакви зли намери кон нашето општество, го објаснува Стојановски наративот на дезинформациите.

Тој додаде дека карактеристично за дезинформациските кампањи кај нас е тоа што водат кон поттикнување на меѓуетнички тензии. Тие се дел и од оние кампањи кои се водат во Западен Балкан. Потенцираше дека имаме и комерцијален аспект на дезинформациите, односно постојат извори и мрежи кои се обидуваат да профитираат од ова. Дезинформации не шират само извори кои се платени од надвор, рече тој, потсетувајќи дека Фондацијата Метаморфозис е основач на сервисот на проверка на факти на Вистиномер. Сепак, фондацијата не работи само во делот на отпорност кон дезинформациите, туку и на градење на капацитетите во областа на човековите права на интернет, како што е развојот на критичкото размислување, сајбер безбедноста и медиумската писменост.

Стојановски ја спомена и иницијативата за заедничка изградба на општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите, која ја покренаа 10-тина невладини организации во земјава.

„Сакаме да се создаде стратешка рамка и усогласување на нашето законодавство со европското законодавство, вклучувајќи ја и новата регулатива за борба против дезинформации, како и зајакнување на националните капацитети на земјава, без притоа да се загрози слободата на изразување и со вклучување на сите чинители во општеството“, изјави Филип Стојановски.

Тој рече дека на ова поле треба внимателно да се постапува, затоа што целта не е да се демонизираат делови од општеството, туку целта е да се адресираат вистинските причинители на дезинформациите.

Тој го актуелизираше прашањето на Планот за борба против дезинформациите кој владата го иницираше пред неколку години, потенцирајќи дека треба да се поддржат активностите од тој план, но имајќи го предвид новиот контекст. Стојановски спомена дека во моментов се очекува од владата да се добие еден вид на предлог аспект на активностите, да се формира работна група која ќе биде инфраструктура за градењето на националната стратегија за борбата против дезинформации.

Медиумската писменост во училиштата

Весна Никодиновска од Македонскиот институт за медиуми говореше на темата „Национални иницијативи – Медиумска писменост – борба против дезинформации и говор на омраза“.

Таа спомена дека медиумската писменост е еден од механизмите за справување со дезинформациите.

„Нашите истражувања и наоди од областа на медиумската писменост се многу комплементарни во сферата на дезинформациите“, спомена Никодиновска.

Институциите сега ја препознаваат важноста на медиумската писменост, затоа што самите се засегнати од опасностите кои доаѓаат од дезинформациите, додаде таа.

„Изминативе години често повторуваме, веќе е апсолвирано, потребен е еден сеопфатен пристап кога се работи за унапредување на медиумската писменост на граѓаните. Проблемот е како тој сеопфатен пристап да се реализира во пракса. Не постои дефиниран и артикулиран став како тоа да се спроведе во пракса“, потенцираше Никодиновска.

Таа додаде дека важно е да се разбере оти станува збор за меѓусекторски концепт и така треба да се развива медиумската писменост, на едно погенерално ниво, на ниво на политиките и на една влада.

„Креаторите на политики треба да разберат дека медиумската и дигиталната писменост се основа за развој на младите во земјава, тие на тој начин ќе бидат поконкурентни и во меѓународни рамки, да анализираат, да можат да истражуваат, а не да имаат фактографско знаење“, посочи таа.

Таа додаде дека заложбите на МИМ се реализирале во 2021 година, кога медиумската писменост била вклучена во формалното образование преку проект на УСАИД што го спроведува ИРЕКС и МИМ. Почнале со основното образование, со план да се вклучи медиумската писменост и во средното образование. Вклучена е доминантно во предметот мајчин јазик, но и во други сродни предмети: информатика и општество.

Таа спомена дека потребни се промени во многу аспекти во образовниот процес, потребни се континуирани обуки и ресурси за наставниците, така што ова ќе биде еден долг процес на вклучување на медиумската писменост во образованието.

„Не е само проблем обуката и ресурсите, проблем е и инфраструктурата на самите училишта, некаде нема ниту интернет, ниту паметна табла. Родителите се исто така важен сегмент, тие треба да ги поттикнуваат децата во голем дел, она што треба да го научат е дома во семејството за медиумска писменост“, рече Никодиновска.

Денешната сесија беше дел од дводневната работилница од втората фаза од проектот на ЕУ – „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди“. Вчера и денеска на работилницата се разговараше за главните предизвици и за предлозите за решавање на другите релевантни прашања во процесот на медиумски реформи во земјава.