Царовска: Се решава проблемот на 700 лица што не поседуваат никакви документи во земјава

Архивска фотографија на дива населба во депонијата Вардардиште | Фото: Колектиф

Министерството за труд и социјална политика го решава проблемот со граѓаните што не се евидентирани во матичната книга на родените и не поседуваат никакви документи за идентификација. Министерката Мила Царовска на денешното обраќање на конференцијата „Проценка на напредокот на Република Северна Македонија во спроведувањето на јавните политики кон ромската заедница“ се задржа на активностите спроведени по ова прашање.

Управата за водење матични книги во соработка со министерството лани објавиле национален јавен повик за пријавување на сите оние лица што не се евидентирани во матичната книга на родени. Биле пријавени 700 лица што не поседуваат никакви документи за идентификација, кои во канцелариите на матичните служби пополниле прашалник со своите податоци и тие ќе можат да ги остварат своите права во земјава, се вели во соопштението на Министерството за труд и социјална политика.

Царовска потенцираше дека владата веќе го усвоила Законот за лицата нерегистрирани во матичната книга на родени и истиот се очекува наскоро да го изгласа и парламентот.

– Го решаваме долгогодишниот проблем на лицата неевидентирани во матичната книга на родените, познати како фантоми. Овие луѓе премногу долго живееја на маргините на нашето општество. Со новиот Предлог закон кој го утврдивме на седница на Влада им овозможуваме да ги остварат своите основни права. Право на здравствена и социјална заштита и редовен работен однос, а децата ќе можат да се вклучат во образованиот процес – изјавила Царовска на конференцијата организирана од „Ромалитико“.