Црвениот крст злоупотребен и во измамничка реклама за чајот „Хипертеа“

Овој препарат се претставува како чудотворен лек, а не е регистриран во Регистарот на лекови во земјава

Фото: Принтскрин од објава на социјални мрежи

Станува збор за измамничка реклама во која се злоупотребени Црвениот крст и Меѓународната здравствена организација, за да се продава нерегистриран лек наречен Хипертеа. Овој препарат се претставува како чудотворен лек, а не е регистриран во Регистарот на лекови во земјава, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме интегрално:

 

Во објави на социјалната мрежа Фејсбук се рекламира наводен лек за висок крвен притисок под името Hypertea. Станува збор за измама во која е злоупотребен Црвениот крст на Р. Северна Македонија и Меѓународната здравствена организација.

Во објавите се прикажани фотографии од лица на Црвениот крст и камиони на Црвениот крст и пишува:

Македонија воведе социјална програма ХЕЛП за граѓаните кои боледуваат од хипертензија. За да добиете помош ви треба…..

Следува прозорец „Дознај повеќе“ каде стои:

ВНИМАНИЕ!

ЗА ДА ДОБИЕТЕ СОЦИЈАЛЕН ПОПУСТ – ПОПОЛНЕТЕ АНОНИМНА ДРЖАВНА АНКЕТА

Можете да го добиете лекот Hypertea за 1200 MKD, преку програмата «ПОМОШ» за населението на Македонија.

За ова, потребно е да одговорите на 6 едноставни прашања…

Откако ќе се одговори анкетата се нуди препарат Hypertea за 1.200 денари.

Не пишува за каков точно препарат се работи (таблети, чај или нешто друго), но  според фотографијата делува како да се работи за некаков чај. Исто така, не пишува ниту состав, ниту производител, ниту релевантни докази за ефикасноста на препаратот.

На крајот од анкетата, корисниците се наведуваат да внесат лични податоци, како името и телефонски број, за да го купат „лекот“ кој наводно чинел 2.400 денари, ама со попуст од 50 отсто, заради наводната социјалната програма ХЕЛП на Црвен крст и Меѓународната здравствена организација ќе го добијат за 1.200 денари. (Во меѓувреме до објавувањето на оваа рецензија, на копчето „дознај повеќе“ наместо анкетата се отвора објава на некоја француска нутриционистка)

Но, ова е измислица. Ваква објава нема на официјалната веб-страница на Црвениот крст на Р.С. Македонија. Не постои ниту социјална програма „ХЕЛП“ на Црвениот крст во земјава.

Исто така, во Регистарот на лекови во земјава не постои лек под името HYPERTEA.

Нема официјални истражувања од здравствената и научната заедница, мислења од еминентни доктори кои би ја потврдиле ефикасноста на овој таканаречен чудотворен лек.

Овој препарат веројатно е некаков непроверен и недокажан додаток во исхраната и го нема ниту во аптеките во земјава.

Доколку се пребара на GOOGLE ќе се види дека чајот се продава онлајн, преку нинтернет страницата hypertea.org/mk на која се нуди за 2.400 ден. На  оваа страница чајот се опишува како епохално откритие. Меѓу другото стои:

На македонските научници од „Центарот за флебологија“ им беа потребни 8 години за да го создадат овој профилактичко-терапевтски додаток. Откритието на годината беше номинирано за меѓународна награда од фондацијата Гајднер. Тестирањето во повеќе фази ја докажа ефективноста на додатокот, што на научниците им ги обезбеди сите потребни лиценци, сертификати за квалитет и поддршка од владата.

Целосно небулозно тврдење. Научници во земјава не го измислиле, ниту го препорачуваат овој препарат, а ниту добиле сертификати и поддршка од Владата.

Високиот крвен притисок е сериозно заболување и бара медицински третман и терапија.

Ова не е првпат Црвениот крст да биде искористен во реклама за лажни лекови, неодамна беше злоупотребен во реклама за лекување на грбот и зглобовите.

Нехумано е со вакви измамнички реклами да се лажат пациентите на социјалните мрежи. Непроверени препарати може да ги оттргнат пациентите од редовните прегледи и терапијата, а со тоа да нанесат штетни последици по здравјето на луѓето. Граѓаните треба да бидат исклучително внимателни да не купуваат непроверени лекови без консултација на лекар.

Поради изнесените факти оваа објава ја оценуваме како невистинита.