Брисел: Договорот да се спроведе докрај

Европската комисија денеска ги повика политичките партии во Македонија да ги преземат преостанатите неопходни чекори за целосно спроведување на Договорот од Пржино.

– Јасно ни е дека партиите се блиску до постигнување договор. Го охрабруваме сите партии да ги направат сите преостанати неопходни чекори во однос на имплементирање на обврските од Договорот од 2 јуни и од 15 јули. Тоа е особено важно во однос на претстојниот извештај за напредокот на Македонија – изјави Маја Коцијанчич, портпаролка на еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан.

Коцијанчич не прецизираше кога ќе биде објавен извештајот, но рече дека во него ќе се најде и имплементацијата на договорот.

– Комисијата во претстојниот извештај ќе извести за имплементацијата на политичкиот договор и за сите реформи што се поврзани со ЕУ, особено за приоритетните реформи што беа презентирани во јуни. Извештајот за напредокот ќе биде наскоро објавен – рече Коцијанчич.