Борисов: Целата ЕУ е против нас, за Северна Македонија ќе нè притиснат со финансиските инструменти

Бугарскиот екс-премиер Бојко Борисов | Фото: Влада на Р. Бугарија

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов гостувајќи во емисијата „Здраво Бугарија“ на бугарската телевизија Нова денеска порача дека целата ЕУ е против Бугарија поради нејзиното постапување кон Северна Македонија во последните седум месеци.

Борисов го цитираше францускиот претседател Емануел Макрон, дека до декември Македонија треба да почне преговори, а тоа, вели поранешниот бугарски премиер, значи оти ЕУ ќе ја принуди Бугарија да направи отстапки.

„И сакам да им кажам, дека поради Северна Македонија, затоа што тие не следат што зборува Макрон сега, не следеа што кажа премиерот на Холандија, Руте, завчера во Скопје: Ќе не принудат со своите финансиски инструменти, затоа што сега целата Европска Унија е против нас сега, ќе нè понижат и на крај ќе го прифатиме. Поради Румен Радев и неговата едноставно ликвидирана надворешна политика и ликвидација“, порача Борисов во гостувањето во емисијата.

Тој во целата емисија имаше остри критики за целокупното владеење со Бугарија во последните седум месеци, откако Бугарија е без политичка влада, а во некои периоди и целосно без влада. Во последните повеќе од пет месеци со земјата управува техничка влада, која што е поставена директно од бугарскиот претседател Румен Радев.

Во Бугарија в недела се одржуваат и претседателски и парламентарни избори, откако претходните два изборни циклуса не доведоа до формирање политичка влада.

Лидерот на ГЕРБ, Борисов во денешната емисија порача дека би го поддржал како премиер и Лозан Панов, кој беше во Скопје пред неколку дена. Панов е инаку претседателски кандидат на претстојните избори.

„Ако станува збор за партиски кандидат за премиер на Бугарија би го предложил Томислав Дончев, но и него нема да го прифатат, бидејќи е поврзан со ГЕРБ“, рече Борисов, наведувајќи дека би го предложил и Лозан Панов.

„На тој кандидат за премиер ќе му дадам сто отсто право да ги избере министрите и да се договори со другите политички партии“, изјави Борисов.