Борел: Белград и Приштина го одбија европскиот предлог за Заедницата на српски општини во Косово

„Двете страни не беа подготвени да ги прифатат и да се сложат околу условите“, изјави Борел, но не прецизираше за каков предлог станува збор

Фото: Мета.мк

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави во четвртокот вечерта дека Белград и Приштина го одбиле предлогот за основање на Заедницата на српски општини, кој им го понудила Европската Унија, пишува Н1.

„Двете страни не беа подготвени да ги прифатат и да се сложат околу условите“, изјави Борел, но не прецизираше за каков предлог станува збор.

Борел рече дека двете страни поставиле предуслови кои се неприфатливи за спротивната страна.

„За жал, договорот не беше можен поради предусловите која секоја страна ги постави, а кои беа неприфатливи за другата страна“, изјави Борел во четвртокот вечерта.

Тој изјави дека воспоставувањето на Заедницата на српски општини е голема пречка за нормализација на односите, пренесува агенцијата Хина.

„Како би помогнале на двете страни да постигнат договор, сите ние заедно им предложивме европски, сериозен и урамнотежен предлог за воспоставување на заедницата и инсистиравме да ја искористат таа можност, што би било големо подобрување во процесот на нормализација и за избегнување на инциденти“, изјави Борел.

Тој додаде дека ЕУ и понатаму ќе инсистира на продолжување на дијалогот за нормализација, за кој Борел вели дека е единствениот пат двете страни да напредуваат на својот европски пат.

Борел изјави дека бара од Белград и Приштина дополнително да се ангажираат во процесот на нормализација на односите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ после состанокот рече дека Србија е подготвена за формирање на Заедницата на српски општини во согласност со предлозите што ги добила, но не може да го прифати членството на Косово во Обединетите Нации и признавањето на независноста на Косово.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Косово било подготвено да го потпише договорот со Брисел, но дека српскиот претседател тоа го одбил, додавајќи дека само потписот подразбира прифаќање и гарантира спроведување на договорот.