Насловот и авторите на спорниот научен труд

Меѓународната научна јавност и странските медиуми специјализирани за следење на теми од областа на науката веќе неколку недели се зачудени од содржината на неколку објавени трудови во македонското научно списание „Open Access Macedonian Journal of Medical Sciences“. Списанието „Popular Mechanics“ објавува дека тринаесет автори на „научен труд“ откриле дека постои црна дупка во срцето на Земјината топка која влијае врз ДНК-то на човекот.

„Научниот труд“ со наслов „A Black Hole at the Center of Earth Plays the Role of the Biggest System of Telecommunication for Connecting DNAs, Dark DNAs and Molecules of Water on 4+N- Dimensional Manifold“ бил објавен лани во македонското научно списание. За разлика од спорната содржина, 13-те автори на трудот навистина постојат и имаат различни звања на универзитети во Италија, Германија, Виетнам и Србија или во здравствените установи каде што работат.

Од „Popular Mechanics“ тврдат дека станува збор за бизарен труд, со поставена методологија што е неодбранлива, со експертски одговори во „научниот труд“ што се смешни. За интернет порталот што се занимава со популаризација на науката „IFL Science“, објавеното авторско дело е или најлудиот научен труд на сите времиња или многу паметна измама на самите автори.

„Ова е или брилијантна сатира за теориите на заговор, или најлошото нешто што се објавило во физиката, генетиката и хемијата во изминатиов период, а можеби и било кога до сега. Во секој случај, ние сакаме да знаеме како поминала рецензијата“, пишуваат од „IFL Science“.

Веднаш по бројните објави за бесмисленоста на изнесената содржина во спорниот труд, од македонското научно списание „Open Access Macedonian Journal of Medical Sciences“ се одлучиле да го повлечат спорниот труд, заедно со уште четири други објавени дела за кои внатрешната истрага на списанието открила доволно докази дека петте труда не се поврзани со специјалниот број на списанието, посветен на „Глобалната дерматологија“.

„Неколку ко-автори побараа да бидат исклучени од списокот на автори. Како такви, ги повлекуваме овие трудови“, се вели во образложението објавено на 30 септември од проф. д-р Мирко Спироски, главен и одговорен уредник на списанието „Open Access Macedonian Journal of Medical Sciences“.

Низ разговор за „Мета.мк“, тој посочи дека петте труда не се поврзани со темата „Глобална дерматологија“, ниту пак постојат докази доставени од гостите-уредници на специјализираниот број дека овие трудови го поминале процесот на проверка на објавената содржина (рецензија) на петте труда. Професорот Мирко Спироски вели дека минатата година биле објавени пет специјални броја, покрај редовните изданија на научното списание.

„Специјалните броеви имаат од 2 до 5 гости-уредници кои ги бираат трудовите од определена област, ги праќаат за рецензирање, технички ги подготвуваат и ги доставуваат до Уредувачкиот одбор за конечна техничка подготовка“, појаснува Спировски.

Тој тврди дека спорните трудови биле објавени во специјалниот број посветен на темата „Глобална дерматологија“, за кој биле поканети двајца професори (проф. д-р Торело Лоти од Италија и проф. д-р Уве Волина од Германија) да бидат гости-уредници. Токму тие биле одговорни и да го водат процесот на рецензирање на доставените текстови од авторите до уредништвото на списанието. По интензивните критики објавени во странските медиуми, Мирко Спироски како главен и одговорен уредник стапил во контакт со гостинот-уредник Торело Лоти за да побара објаснување како и од кого се рецензирани овие трудови.

„Последниве две недели многу од меѓународните асоцијации поврзани со етика на објавувањето, како и дел од коавторите, ми се обратија да дадам објаснување за овие пет трудови, кои не се директно поврзани со Глобална дерматологија. Бидејќи не бев задоволен од одговорите на гостите-уредници, одлучив да ги повлечам од објавување овие пет труда“, објаснува Спироски.

Тој посочува дека од овој случај научиле дека специјалните броеви на списанието носеле поголема опасност затоа што битните елементи им се доверуваат на гостите-уредници и постоела помала можност за контролирање на квалитетот на трудовите.

Инаку, на веб-страницата на која е објавено списанието „Open Access Macedonian Journal of Medical Sciences“ може да се пронајдат сите објавени броеви на ова списание во периодот од декември 2013 година до денес. Досега се објавени седум комплетни волумени за изминатите седум години, а последниве години се публикувале и специјални броеви во врска со одредена област од медицината. За секој труд од специјалните броеви во 2019 година, се обезбедуваа по 200 евра, објаснува професорот Мирко Спироски.

За да се објави научен труд во редовен број на ова списание, потребно е авторите да платат 400 евра со назнака „покривање на трошоците за објавување“. Постои и „брза лента“ за оние автори на кои не им се чека, а во овој случај треба да се платат 800 евра за да се заврши целокупната постапка на рецензирање, донесување на уредничка одлука и известување на авторот во рок од четири недели.

Професорот Спироски појаснува дека редовните трудови се рецензираат од шест предложени рецензенти, од кои најчесто прифаќаат да рецензираат два до три рецензенти. Само позитивно оценетите трудови, после корекциите, се прифаќаат за објавување и технички се подготвуваат за електронско издавање, вели тој.

Странските медиуми, пак, деновиве се прашуваат дали целиот процес на објавување е невкусна шега на поединечни научници, кои се обиделе да тестираат колку ова списание се придржува до стриктноста и строгоста на постапката на рецензија на доставените трудови или пак некои автори навистина се обиделе преку измама да си го прошират бројот на издадени трудови во нивните професионални биографии и да се стекнат со повисоко звање на факултетите или здравствени установи каде што работат.

Како и да е, научната јавност во светот, но и во нашата земја, подолго време укажува на проблемот со стекнувањето научни титули и професорски звања со трудови што имаат лажна или спорна, ненаучна содржина. Покрај вештите измами со измислување на трудови без методолошки поставено истражување или објавување на резултати без никакво спроведување на истражување, најчестите гревови што се провлекуваат со години наназад се плагијаторството, односно препишувањето на цели трудови од други автори и прекршување на нивните авторски права. За спорно се смета и постојаното преповторување на резултатите од едно оригинално дело од ист автор повеќе пати во различни научни списанија низ годините. Бројни се и случаите каде што едно истражување навистина е направено, од коешто произлегол научен труд, но авторите „заборавиле“ на уредништвото на списанието да му испратат информација за тоа кои се донорите кои го финансирале целокупното истражување.

Всушност, списанието „Popular Science“ во текстот „Како се повлекуваат научните трудови?“ објаснува неколку „креативни“ начини, на кои еден дел од „научниците“ се обидуваат да ги измамат рецензентите и уредниците во научните списанија.