Куќниот притвор на Артан Груби, екс-прв вицепремиер и второобвинет во предметот поврзан со Државна лотарија, му истекува на 13 октомври, а за да му се врати пасошот и како гаранција дека ќе биде достапен на органите на прогонот, неговата одбрана понудила гаранција од 335 илјади евра недвижен имот.

„Обвинителниот предлог, по кој е заведен кривичниот предмет, е поднесен на 13 август. Согласно член 470 од Законот за кривичната постапка, притворот може да трае најдолго 60 дена од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог. Заради тоа, како што беше посочено и претходно, а истото беше потенцирано и од страна на судијата кој постапува по предметот, по сила на Законот, мерката куќен притвор за овој обвинет истекува на 13 октомври 2026 година. Воедно, покрај мерката куќен притвор, против обвинетиот е определена и дополнителна мерка на претпазливост, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница, која ќе продолжи да важи и по истекот на законски предвидените 60 дена“, наведено е во соопштението од Основниот кривичен суд.

Оттаму додаваат дека во врска со оваа мерка на претпазливост, одбраната до Судот доставила предлог, со кој, согласно член 150 од Законот за кривичната постапка, предлага нејзино укинување со определување гаранција.

„Одбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка. По понудената гаранција е оформен предмет, кој е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство. По добивањето на мислењето, Кривичниот совет ќе постапува по предлогот, а за донесената одлука странките и јавноста ќе бидат навремено известени“, се додава во соопштението од Судот.

Oткако во 2024 ја напушти државата по што беше распишана меѓународна потерница, Груби, на 23 февруари годинава беше приведен на граничниот премин Блаце. Тој беше осомничен за злоупотреба на службената должност во случај поврзан во Државната лотарија за проневера од осум милиони евра при набавка на апарати.

На 13 август годинава, Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против осум лица за злоупотреби во „Државна лотарија“, меѓу кои, според описот на нивните функции, се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот генерален директор на компанијата Перпарим Бајрами.

Обвинителството ги товари сите осуммина како соизвршители на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353, став 5, во врска со ставовите 4 и 1 од Кривичниот законик. Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година тие заеднички презеле дејствија со кои ги пречекориле своите овластувања и должности, со намера да ѝ нанесат штета на „Државна лотарија“. Штетата е проценета на 507.632.173 денари, односно околу 8,25 милиони евра.

Обвинителството не ги објави имињата на обвинетите, но наведениот опис на функциите овозможува идентификација на најмалку тројца од нив. Како првообвинет е опишан тогашниот генерален директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, како второобвинет поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, а како третообвинет тогашниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски. Останатите петмина се опишани како тогашен претседател и членови на Надзорниот одбор на „Државна лотарија“.

Основата на обвинението е тврдењето дека „Државна лотарија“ немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку видеолотариски терминали.