Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две службени лица вработени во Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија, поради постоење на сомнение за сторени кривични дела „Проневера во службата” од член 354 од КЗ на РСМ и „Фалсификување или уништување деловни книги” од член 280 од КЗ на РСМ, соопштуваат оттаму. Oд Јавното обвинителство, пак, соопштија дека доставен е предлог за определување притвор.

„Првопријавената А.Н., во својство на директорка на секторот за финансии и сметководство на Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија, заедно со второпријавената Д.Д, вработена на работно место шефица на финансиски работи, целокупниот дневен промет за 2024 година во вкупен износ од 46.038.720 денари кој им бил доверен од сопствените продажни места на АД Државна лотарија, не го уплатиле и депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки и од банкарските сметки на АД Државна лотарија подигнале парични средства во вкупен износ од 33.950.724 денари кои противправно ги присвоиле за себе“, пишува во соопштението.

За да ги прикријат трагите од извршеното кривично дело и недостигот на проневерените парични средства, вршеле префрлање на парични средства помеѓу банкарските сметки на друштвото, креирале налози за трансакции и реализирале уплати и исплати со кои лажно прикажувале дека биле извршени финансиски трансакции во значителни износи.

„Тие изготвувале и употребувале невистинита финансиска и сметководствена документација, преку евидентирање фиктивни касовни исплати од  благајната на друштвото, при што противправно присвоените парични средства биле раскнижувани на различни сметководствени конта врз основа на фиктивна документација, со што лажно се прикажувала нивната намена и се прикривал недостигот на средствата во деловните книги на друштвото“, се додава во соопштението.

Со горенаведените дејствија, првопријавената А.Н заедно со второпријавената Д.Д. прибавиле противправна имотна корист, а на АД Државна лотарија на Република Северна Македонија му предизвикале имотна штета во износ од 79.989.444 денари.

Од Финансиска полиција додаваат дека во координација и под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, а врз основа на наредби од надлежен суд, во текот на вчерашниот ден извршени се претреси на вкупно пет локации, од кои четири на подрачјето на Скопје и една на подрачјето на Валандово.

Во Обвинителството сооштија дека на двете вработени во Државна лотарија ќе им биде определена мерка притвор.

„Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од криење и бегство, постои основан страв дека осомничените ќе ае обидат да ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело, како и особени околности кои укажуваат дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите, но и околности што упатуваат на можноста да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двете осомничени“, се наведува во соопштението од Обвинителството.