Ангелов поднесе кривична пријава против Марко Зврлевски

Стојанче Ангелов денеска поднесе кривична пријава против јавниот обвинител Марко Зврлевски за злоупотреба на службената положба и овластување и за спречување пристап кон јавен информатички систем, бидејќи, како што рече Ангелов, преку соопштение барал од медиумите да не ги емитуваат и пренесуваат  снимките од „бомбите“ што ги обајвува лидерот на опозицијата, Зоран Заев, пренесува „Нова ТВ“.

– Ние сме свесни дека оваа пријава денеска никој нема да ја процесуира, но таа ќе остане во Обвинителството. На пријавата можат да ѝ најдат одредени слабости, но верувам дека кога ќе имаме легитимен јавен обвинител, чија цел ќе биде гонење на криминалот во Република Македонија, и тоа како има материјал во оваа пријава и тогаш Зврлевски ќе биде повикан да каже зошто го издал ова соопштение, кое Горан Петрески и другите уредници од МРТВ го користат само како параван за необјавување на политичките „бомби“, бидејќи и ним самите им е јасно дека соопштението е ништовно – изјави Ангелов пред Обвинителството.

Пред три дена, Ангелов поднесе кривична пријава и против главниот и одговорен уредник на првиот програмски сервис на МРТВ, Диме Ратајкоски, за селективно и пристрасно пласирање информации.

Ангелов секој ден во вечерните часови ги предводи протестите пред зградата на МРТВ, на кои тој и граѓаните бараат националниот сервис да ги објави снимките од „бомбите“ на опозицијата. Ангелов ги повика граѓаните в сабота да излезат на уште еден масовен протест пред зградата на МРТВ.