Анастасија Мојсовска, наш претставник на ОИ во Париз: Стрелаштвото кај нас интензивно се развива

Во интервјуто за Мета.мк Анастасија вели дека за најголем свој успех го смета фактот што заедно со тренерот Јордан Тасевски ќе ја претставува Македонија на Олимписките игри во Париз

Анастасија Мојсовска -фотографија од лична архива -се користи со дозвола
Анастасија Мојсовска -фотографија од лична архива -се користи со дозвола

Анастасија Мојсовска е професионален спортист во воздушно стрелаштво која што се квалификуваше за Олимписките Игри што ќе се одржат во Париз годинава. Таа е повеќекратен државен шампион и рекордер во воздушно стрелаштво жени во Македонија. На ОИ, на 28 јули, Анастасија ќе се натпреварува во дисциплината 10 метри воздушна пушка жени, со 60 истрели. Таа, исто така, е и студентка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ. Но, покрај тоа, таа во слободното време свири на флејта и плете детски играчки. Во ова интервју Анастасија најмногу зборува за стрелаштвото

Какви се условите за бавење со стрелаштво во земјава, што се однесува до организирани тренинзи и натпревари?

Условите во Македонија се сѐ подобри и подобри и моментално стрелаштвото кај нас интензивно се развива. Македонската спортска стрелачка федерација (МССФ), а и мојот клуб „Стрелец“ од Скопје, максимално вложуваат да ги добиеме сите потребни услови за да бидеме рамо до рамо со светските стрелци. Последните 4 години доста се вложи во опрема, оружје и електронски мети, кои доста придонесоа за нашиот развој и подобрување на резултатите, но исто така привлекоа и нови љубопитни дечиња, спортисти кои се приклучија во нашите редови. Натрпеварите се одржуваат по календарот на МССФ, каде настапуваме на државни купови и државно првенство, исто така настапуваме и на меѓународни натпревари надвор од државата како и европски и светски првенства. Стрелачки клубови има во неколку градови во нашата држава како Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Скопје каде се практикува воздушно стрелаштво, а исто така имаме и стрелишта за голем калибар како и за дисциплините кои вклучуваат глинени гулаби во другите градови.

Постои ли кај вас интерес да продолжите понатаму во кариерата како педагог по Физичка култура по завршувањето на факултетот. Кое би било вашето идеално работно место?

Поради тоа што сум спортист и мојот избор за факултет секако беше Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, така што во иднина планирам да се занимавам со спорт и општо кинезиологија дали тоа би било како тренер или професор по физичко образование или било која друга гранка поврзана со „движење“ ќе оставам иднината да избере.

Дали во иднина би сакале да бидете и професионален тренер по срелаштво? Или тоа не би носело заработка како и во повеќето спортови што се практикуваат од љубов кон вештината и во вежбањето и најчесто членарината служи да се плати просторот за вежбање?

Секако дека да, би сакала моето знаење да им го пренесам на идните генерации и да работам со идни спортисти затоа што сепак е тоа е љубов и страст, за да се надминеме себеси и да создадеме уште подобри спортисти кои ќе се искачат уште повисоко од нас. А, кога станува збор за нешто кое што го сакаме и уживаме верувам дека парите не се воопшто битни.

Со што се бавите во слободно време?

Во слободно време сакам да читам книги, плетам плишани играчки, да цртам и бојам или да свирам на флејта и да ја развивим креативноста во мене.

Кои дестинации ги пропатувавте преку стрелаштвото?

На меѓународни натпревари сум настапувала освен во земјите на балканот како Бугарија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, и во Словенија, Унгарија Норвешка, Естонија, Полска, Германија, Алжир, Египет и Азербејџан.

Кои награди и признанија ги имате освоено досега?

Освен што сум повеќекратен државен шампион и рекордер од претходните години имам и други одличја. Некои од поважните за мене се во 2021 година кога за прв пат го освоив мојот прв голем медал на јуниорскиот куп во Смедерево, Србија, и моментот кога за прв пат стигнав до финалето на купот во Осијек, Хрватска што беше огромен успех за мене, исто така можам да го спомнам второто место од Софија, Бугарија. Инаку тука во соседните земји освојувам медали, сепак ништо не се мери со успехот да ја претставувам својата држава на 6 Европски и 7 Светски првенства и купови. Исто така, мора да се спомне и 14 место од Медитеранските игри во Алжир во 2022, како и одличниот резултат кој го постигнав на Европските игри во Полска 2023 година. На последниот светски куп во Минхен, Германија оваа година испукав одличен резултат од 628,8 кругови кој е личен и државен рекорд и воедно висок светски резултат кој е најдобар во историјата на Македонското стрелаштво во дисциплината воздушна пушка жени, се најдов на светските ранг листи и олимписката ранг листа. Сепак за најголем мој успех и гордост можам да кажам дека тоа што јас заедно со мојот тренер Јордан Тасевски оваа година ќе ја претставуваме нашата држава Македонија на Олимписките игри во Париз.

Дали користите слушалки со музика додека тренирате или е тоа недозволено за да нема дистракции?

За време на тренинг и натпреавар музика е дозволено да се има во позадина, но не е дозволено да се користат било какви слушаки во нашиот спорт. Најчесто ние стрелците преферираме да носиме антифони кои ни помагаат да ги изолираме звуците од страна и подобро да се фокусираме на метата.

Дали е скапо да се тренира овој спорт?

Овој спорт е доста скап, дали се натпреваруваш со пушка или пиштол влогот е доста голем. За професионало да се занимаваш со овој спорт, освен оружјето кое може да чини и над 2000 евра, јас како стрелец со воздушна пушка, потребно е да носам и специјална опрема која чини околу 1500 евра. Инаку, клубовите нѐ снабдуваат со потребната опрема и оружје. Сепак доколку се занимавате сериозно со овој спорт јас сметам дека потребно е да се вложи во свое лично оружје и опрема која ќе биде изработена по мерка.

Какви книги читате?

Повеќе сакам да ги читам безвременските класици на Зафон.

Кои ви се омилени филмови?

Не сум фан на филмови, повеќе гледам кинески или корејски серии од жанрот wuxia и xianxia.

Дали играте видео игри на компјутер со пукање односно „FPS игри“ и ако одговорот е да, кои ви се омилени?

Не, сум играла по релаксирачки игри како Need For Speed, Dota2, Bloons TD6…

Честитки за квалификувањето за Олимписките игри што ќе се одржат во Париз летово на 28 јули. Ви посакуваме огромен успех.

Ви благодарам за честитките, секако ќе го дадеме најдоброто од себе.