Во најава е предупредувачки протест на ССМ – се бараат повисоки плати во јавниот сектор, но и за вработените во државните и општинските фирми. Најава за протест и на вработени во дел од јавните претпријатија. Во меѓувреме – ребалансот на Буџетот е во Собрание, власта најавува дека ќе ја преиспитува продуктивноста на буџетарите пред да посегне по зголемување на платите. „Порталб.мк“ во второто продолжение на анализата објавува податоци за просечната бруто-плата по вработен во државните институции, агенции, комисии – според податоците во овој сегмент, платите се повисоки во однос на оние во министерствата.
Според податоците од Буџетот, постојат агенции и дирекции со мал број на вработени, но со високи бруто просечни плати што надминуваат 60.000 денари. Во дел од фондовите платите се пониски во однос на повеќето државни агенции и инспекторати.
Просечна бруто плата од 63.800 денари, што е една од највисоките, земаат вработените во Државниот девизен инспекторат – само 8 лица. Просекот на бруто платата во Инспекцискиот совет со 20 вработени изнесува 73.250 денари, со раст во однос на лани за 6.000 денари.
Во Управата за финансиска полиција просекот на бруто платата изнесува 61.400 денари, со 73 вработени. Просечна бруто плата од скоро 53.000 денари има во Царинската управа каде има 1.252 вработени. Во Управата за јавни приходи со 1.094 вработени просекот на бруто платата изнесува 51.000 денари.
Во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации со 39 вработени просечната бруто плата изнесува скоро 57.000 денари а во Дирекцијата за заштита и спасување изнесува 42.570 денари.
Поголемо зголемување на платите во однос на лани има во Државниот завод за статистика – годинава просечна бруто плата изнесува 44.400 денари, бројот на вработени изнесува 228, со намалување во однос на 2021.
Во Фондот за пензиско осигурување годинава се обезбедени финансии за 532 вработени, пет помалку од лани а просечната месечна бруто плата изнесува 41.510. Годинава во споредба со лани намален број на вработени има и во Фондот за здравствено осигурување – обезбедени финансии за 858 вработени, просечна бруто плата по вработен е 37.400 денари.
Просечната бруто плата по вработен во Агенцијата за храна и ветеринарство изнесува 45.162 денари, зголемена во однос на лани, во агенцијата се вработени 368. Во Агенцијата за примена на јазикот со 37 вработени, годинава просечната бруто-плата изнесува 44.600 денари.
Повисока просечна бруто плата има во Државниот управен инспекторат – над 57.000 денари а во оваа институција вработени се 45 луѓе.
Во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви, каде се вработени 17 луѓе, просекот на бруто платата е на ниво од 49.000 денари.
Повисоки бруто плати од 47.000 денари има и во Комисијата за односи со верски заедници, во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации просечната бруто плата изнесува скоро 51.600 денари, во Агенцијата за иселеништво просекот изнесува 52.600 денари, просечна бруто плата од 56.250 денари има во Државниот инспекторат за шумарство, повисока бруто плата во износ од 55.600 денари има Државниот комунален инспекторат каде работат 25 лица, а скоро 57.700 денари изнесува во Државниот инспекторат за транспорт со 38 вработени. Просечната бруто плата во Државниот пазарен инспекторат изнесува 48.200 денари.
Во Управата за извршување на санкции, каде има 1.028 вработени, просечната бруто плата е на ниво од 50.700 денари – со раст од 2.800 денари во однос на лани.
Во Инспекторатот за јазици, со 19 вработени, просечната бруто плата годинава изнесува 47.000 денари со раст од околу 6.500 денари во однос на лани.
Државниот инспекторат за локана самоуправа со 8 вработени е една од институциите со повисока просечна бруто плата од 75.000 денари – значајно зголемена во однос на лани кога изнесуваше 43.500.
Но, сепак во ова друштво има и агенции и државни институции со пониски бруто плати во однос на сите останати – така во Агенцијата за вработување позиционирани се 512 вработени – 23 помалку во однос на лани со просечна бруто плата од 37.272 денари. Оваа плата е зголемена во однос на ланските 34.829 денари. Во Управата за водење матични книги, чии вработени протестираат за повисоки плати, просечната бруто плата изнесува 31.800 денари. Во Центарот за управување со кризи каде има 311 вработени, просечната бруто плата изнесува 42.316 денари – за 7 110 првеќе во однос на лани. Во Агенцијата за стокови резерви со 31 вработен, просекот на бруто платата изнесува 40.344 денари додека во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, со 29 вработени, изнесува 38.800 денари.