Алтернатива со начелна согласност за влез во владата, течат консултации за кадровски решенија

Извор: Влада на РСМ

По вчерашната работна средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на партијата Алтернатива Африм Гаши, постигната е начелна согласност за влегување на оваа политичка партија во владата. Алтернатива има четири пратеници во Собранието на РСМ, со што актуелната владејачка коалиција на СДСМ и ДУИ може да го обезбеди посакуваното мнозинство од 61 пратеник за формирање влада.

На вчерашната средба се разговарало за преземање и споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, при што се размениле мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт.

„Соговорниците се согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните. На тој начин ќе се обезбедат и најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици како што се ковид-19 пандемијата и глобалната енергетска криза“, се наведува во соопштението од Владата на РСМ.

Во наредните денови ќе следи нова работна средба помеѓу премиерот Заев и претседателот на Алтернатива, Гаши со нивните тимови. На вчерашната средба, Заев дојде со Димитар Ковачевски, којшто најави дека ќе се кандидира за нов претседател на СДСМ, додека Гаши беше придружуван од Беким Сали, генерален секретар на Алтернатива.