Доколку сакате да видите колку пари потрошил одреден актуелен министер за авионски карти, колку пари зел за дневници, такси превоз, хотели или колку потрошил по ресторани, користејќи ја Алатката за отчетност која беше промовирана од страна на Владата, нема да биде успешно, барем не за 2022 и за 2023 година.
Алатката за отчетност не е ажурирана од 2021 година, па така, на последната листа на функционери се наоѓаат министри кои повеќе од една година не се на функциите, а за актуелни министри или нивни заменици воопшто нема податоци. За трошењата на премиерот Димитар Ковачевски исто така не можат да се најдат податоци, бидејќи тој стана премиер во јануари 2022 година.
Оваа алатка всушност беше презентирана како софтвер преку кој може да се пребаруваат и да се споредуваат трошоците на одделните министерства и функционери.
„Како дел од заложбите на Владата на Република Северна Македонија за поголема дигитална транспарентност, на оваа страна можете да ја користите Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, каде можете да ги разгледате и споредувате службените трошоци на претседателот на Владата на Републиката, замениците на претседателот, министрите, министрите без ресор, замениците-министри, генералниот секретар на Владата и државните секретари на министерствата“, се вели во описот на алатката која беше презeнтирана во 2018 година, како заложба на Владата за транспарентно работење.
Иако од Владата најавуваа дека оваа алатка првично ќе се ажурира на шест месеци, а потоа и на почести периоди, сепак речиси година и половина нема нови податоци за тоа како македонскиот премиер, министрите или пак државните секретари во министерствата ги трошат јавните пари.
Во 2020 година податоците за трошењата на функционерите исто така не беа ажурирани цела година.
Од Владата за Мета.мк изјавија дека последниот застој се случил поради извесни промени во системот. Оттаму додаваат дека се работи на решение со кое институциите редовно и самостојно ќе ги внесуваат податоците.
„Поради промени во системот, извесен период имаше застој во ажурирањето на алатката за отчетност на трошоците на владините функционери. Независно од тоа, податоците редовно се собираат и се обработуваат. Исто така, за 11. циклус, кој го опфаќа периодот од декември 2021 заклучно со август 2022 година, во тек е прибирање на податоците. Дополнително Ве информираме дека се работи на решение со кое институциите редовно и самостојно ќе ги внесуваат податоците со што јавноста навремено и постојано би имала увид во направените службени трошоци на министрите, замениците министри и државните секретари“, велат од владината служба за односи со јавноста.
Со помош на алатката за отчетност, во медиумите беа откриени повеќе случаи на недомаќинско трошење буџетски пари, особено во делот на репрезентативните трошоци, односно трошењата по кафани и ресторани на владините претставници. Можноста за споредба на трошоците меѓу актуелните и поранешните функционери на иста позиција исто така даваше можност да се направи паралела кој бил „поштедлив“ во располагањето со парите.