Акциска мрежа за добро владеење: Можност граѓаните брзо да го искажат својот став

Македонските граѓани сакаат да учествуваат во процесот на донесување одлуки, но не знаат како да го сторат тоа на лесен, брз и едноставен начин. Токму затоа, на денешната завршна конференција за проектот „Акциска мрежа за добро владеење“, беше презентирана мобилната апликација „Пикодемокраси“ (Picodemocracy), како едноставен модел преку кој може да се чуе мислењето на граѓаните за оние прашања што им се ним важни.

Проектот е финансиран од Европската унија, а го спроведоа Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, заедно со Македонскиот центар за европско образование и Реактор – истражување во акција.

На завршната конференција, која се одржа во ЕУ Инфоцентар во Скопје, шефот на Делегацијата на ЕУ, Аиво Орав, истакна дека развојот на алатки за информациско-комуникациски технологии, како што е мобилната апликација „Пикодемокраси“, овозможува поголеми придобивки од новите технологии и нивно искористување на патот кон граѓанско општество, кое е интегрирано во процесот на донесување одлуки.

– Иницијативите како проектот „Акциска мрежа за добро владеење“, што го комбинираат градењето на капацитетите на граѓанските организации со доделувањето подгрантови, им овозможуваат на локалните организации да работат на одредени прашања од областа на доброто владеење што ги засегаат заедниците во кои работат, поставувајќи добар пример за овозможување на развојот на граѓанското општество – изјави Орав.

Директорот на фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, посочи дека преку имплементацијата на проектот и активностите што ги презеле заедно со партнерите, се покажало дека граѓаните сакаат да учествуваат во процесот на донесување одлуки, особено затоа што одлуките влијаат директно врз квалитетот на нивниот живот.

Според Јашари, граѓаните не знаат како да учестуваат во процесот на донесување одлуки бидејќи механизмите што постојат, и на локално и на централно ниво, а се веб-базирани, се многу сложени и граѓаните се обесхрабрени да ги користат.

– Во рамките на овој проект, ние се обидовме да развиеме еден модел кој се нарекува „Пикодемокраси“. Тоа е мобилна апликација што им дава можност на граѓаните на брз и едноставен начин да го искажат својот став за прашања што им се важни – вели Јашари.

Покрај воведните обраќања, говорниците на завршната конференција дискутираа на темите: добро владеење, корупција, транспарентност и отчетност.

Во рамките на овој проект, доделени се 16 мали грантови на граѓански организации кои ја формираат Акциската мрежа за добро владеење.