Ахмети на средба со Нуланд: Неприфатливо е продолжувањето на политичката криза

„Неприфатливо е продолжувањето на политичката криза бидејќи целото општество е во очекување на решение и на продолжување на нашиот евроатлантски пат“, оценил претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на денешната средба со помошничката на државниот секретар на САД за Европа и за Евроазија, Викторија Нуланд, која е во еднодневна посета на земјава.

„Лидерот Ахмети ја запозна госпоѓа Нуланд со позицијата на ДУИ во врска со политичката криза во земјата, како и со активностите што ги има преземено ДУИ за одржување на состаноците на лидерите, предлозите и за иницијативите на ДУИ, исто така и за постапките што планира да ги преземе ДУИ во зависност од исходот на разговорите во наредните денови. ДУИ ќе ги поддржи реформите што произлегуваат од препораките на Европската унија и од извештајот на господинот Прибе бидејќи нивното спроведување го прават демократскиот систем постабилен“, стои во соопштението на ДУИ, во врска со денешната средба.

Нуланд и Ахмети, како што информираат оттаму, разговарале и околу продолжувањето на „заедничките напори во правец за наоѓање решение за спорот за името со Грција, веднаш по решавање на политичката криза во државата“.

„Соговорниците, исто така, разговараа и за една друга заедничка грижа, за борците од регионот во војните во Сирија и во Ирак, со што зборуваа и за различни методи за да се спречи оваа негативна појава и неприфатлива за нашето општество“, соопштуваат од ДУИ.