Хојт Ји: Власта да се посвети и на прислушувањето и на содржината на разговорите

Еднакво сериозно власта да се посвети на содржината на прислушуваните разговори, колку што ги зема сериозно обвинувањата против лидерот на опозицијата Зоран Заев, рече американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и за Азија, Хојт Ји, по денешната средба со премиерот Никола Груевски.

Тој рече дека ги повикал Владата и нејзините институции да ги земат многу сериозно обвинувањата и инсинуациите за злоупотреби на службената должност, за можното незаконско однесување, најмалку толку сериозно како што Владата ги зема обвинувањата против лидерот на опозицијата.

Според него, важен аспект на кризата е правната постапка што се води за прислушувањето, но, исто така, важен аспект на кризата за кој разговарале се информациите што беа откриени преку снимките што беа објавени, информации за можна корупција на функционери, за можно неприлично влијание на Владата врз медиумите и врз судството, за можни изборни злоупотреби и за други можни злоупотреби на власта.

Хојт Ји, исто така, подвлече дека опозицијата треба да се врати во Собранието за да може да почне да се решава политичката криза.