Македонија и регионот се прегреваат, просечните температури ќе бидат и за три степени повисоки

Податоците од анализите на влијанието на климатските промени покажуваат дека Европа се загрева двојно повеќе од глобалниот пораст, а луѓето од Западен Балкан ќе мора да бидат подготвени да живеат со клима која е и за три степени потопла

Image by Gerd Altmann from Pixabay

Топлотните бранови во Северна Македонија, како и во другите држави на Западен Балкан, ќе се зголемат по интензитет, времетраење и фреквенција, веројатно за шест до осум пати годишно. Извештајот на Светската метеоролошка организација потврди дека 2023 година била најтоплата досега, со просечна глобална температура од 1,45 Целзиусови степени над основната прединдустриска линија. Податоците од анализите на влијанието на климатските промени покажуваат дека Европа се загрева двојно повеќе од глобалниот пораст, а луѓето од Западен Балкан ќе мора да бидат подготвени да живеат со клима која е и за три степени потопла. Периодите на топлотните бранови ќе бидат се посилни и подолги, дури и екстремни, а од друга страна, некогаш нормалните дождливи периоди на секои неколку дена сега заменети со обилни дождови кои предизвикуваат поплави и штети.

Ова се дел од информациите кои произлегоа од работилницата „Градење климатска отпорност и паметни енергетски системи“ организирана од Екоцивилизација и Еко-Свест. Беше посочено дека Северна Македонија, како земја која се потпира на јаглен за производство на електрична енергија, мора да прави значителни чекори во транзицијата кон обновливите извори на енергија, особено соларната и ветерната енергија, а Владата веќе ја започна „Националната енергетска стратегија“ за намалување на емисиите на јаглерод.

„Со изградбата на соларни централи од големи размери, како што е соларната централа Осломеј со моќност од 10 MW, на местото на поранешен рудник за јаглен, се обезбедува транзиција што не само што ги намалува емисиите на стакленички гасови, туку и ја подобрува климатската отпорност преку диверзификација на изворите на енергија“, сметаат од Еко свест.

Со намалувањето на зависноста од јаглен, Северна Македонија е помалку ранлива на нарушувања предизвикани од настани поврзани со климата, како што се недостигот на вода, а од друга страна, обновливите извори на енергија, особено соларната, се препознаваат како сектор кој создава работни места и промовира одржлив економски раст во земјата, па и пошироко во регионот.

Климатските промени, кои вршат силен притисок врз достапноста до вода и храна, влијаат и на човековото здравје. Заради тоа, смета Виолета Булц, основач на Екоцивилизација, дрвјата и зелените површини треба да се клучен аспект во урбанистичкото планирање.

„За да се одговори на сите клучни предизвици кои ги носат климатските промени, неопходно е да се стават конкретните проблеми на маса и отворено да се разговара за нив. Во дискусијата мора активно да се вклучат и претприемачи, инженери, медицински професионалци, политичари, едукатори, екологисти, научници, земјоделци“, вели Булц.