ЕСМ изработува три проекти за проширување на парното греење во Автокоманда и Железара

Фото: by Martin Adams on Unsplash

„Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) потпиша три договори за изработка на проектна документација за изградба, реконструкција и проширување на топловодната мрежа во скопските населби Автокоманда и Железара. Изготвувањето на проектите треба да биде основа за проширување на дистрибутивната мрежа во системот за снабдување со топлинска енергија од когенеративната електрана „КОГЕЛ“ што се наоѓа во скопската железарница, а е во сопственост на „ЕСМ Енергетика“.

Првиот проект предвидува изградба на нов секундарен вреловод до улицата Јани Лукровски 18 во населбата Автокоманда, со кој ќе се овозможи приклучување на нови објекти во оваа скопска населба. Воедно, ЕСМ работи и на проект за реконструкција и санација на оштетените делови на топловодната мрежа на потегот до Скопската пиварница.

Третиот проект се однесува на проширување на топловодната мрежа во населбата Железара, на потегот од амбулантата Железара кон новите згради Коце Металец-комплекс Металург.

Изработката на проектната документација за проширување на дистрибутивната мрежа на топлинска енергија во овој дел на Скопје ќе чини околу 9.300 евра, а на проектите ќе работи фирмата „БАР Е.Ц.Е.“ од Скопје, се наведува во договорите објавени на Електронскиот систем за јавни набавки.

Според Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика за 2019 година, системот за снабдување со топлинска енергија на „ЕСМ Енергетика“ е вториот по големина во Скопје. Должината на дистрибутивната мрежа лани изнесувала 38 километри, но идентично како и во другите два система во главниот град, истата не е проширена со години наназад, со што се оневозможува позначително зголемување на бројот на приклучоци на парното греење во Скопје.

„ЕСМ Енергетика“ во 2019 година имала вкупно 3.740 потрошувачи на топлинската енергија, од кои 3.654 потрошувачи се домаќинства. Овој систем за топлинска енергија би можел да се шири во иднина на потегот од Маџари на исток до населбите Чаир и Бутел на запад, со можност за негово спојување со најмалиот систем за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје – оној на „Скопје Север АД“.