БДП лани со реален раст од 2,7 отсто споредено со 2017 година

Македонија лани забележала и номинален и реален раст на бруто – домашниот производ (БДП). Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, добиени од годишните сметки на деловните субјекти и од други извори, БДП во 2018 година изнесувало 658.053.000.000 денари ( околу 11 милијарди евра) и во однос на 2017 година е номинално зголемен за 6,5 отсто. Реалната стапка на раст на БДП во 2018, во однос на 2017 година, изнесува 2,7 отсто.

Најголемо учество на додадената вредност со 19,6 отсто во структурата на БДП, во 2018 година, имале секторите: трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна.

Финалната потрошувачка во 2018 година, во однос на 2017 година, номинално пораснала за 5,3 отсто, а во структурата на БДП учествувала со 80,7 отсто.

Учеството на извозот на стоки и на услуги во структурата на БДП во 2018 година изнесувало 60,6 отсто.

Вредноста на инвестициите во основни средства во 2018 година изнесувала 130.242.000.000 денари (околу 2,2 милијарди евра).

Во техничката структура на инвестициите во основни средства, градежните работи учествувале со 57,4 отсто, машините и опремата со 34,1 отсто, а останатите инвестиции со 8,5 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.