Жителите на Визбегово бараат помош од Заев за чадот од дивата депонија

Дивата депонија меѓу населбите Шуто Оризари и Визбегово и понатаму гори, испуштајќи опасен чад кој сериозно го загрозува здравјето на граѓаните, поради што жители на Визбегово му пишаа и на премиерот Зоран Заев барајќи спас од ситуацијата на која што се изложени повеќе од четири месеци не само тие, туку и жителите на Чаир и Карпош, пишува „Порталб“.

Граѓаните информираат за сите преземени мерки во изминатиов период, односно комуникацијата со општините и министерствата за внатрешни работи и за животна средина и просторно планирање, како и претставките до народниот правобранител и комуникацијата со невладини организации. Потсетуваат и дека постојани ги алармираат полицијата, пожарникарите и Центарот за управување со кризи за огновите и чадот.

Загрижените граѓани во писмото алармираат дека дивата депонија и понатаму гори, а не може да се изгасне, оти противпожарните возила не може да пристапат поради натрупаното ѓубре и шут.

„Општина Шуто Оризари постојано, противзаконски, одлага смет на локацијата, како што и официјално добивме потврда од Град Скопје, дека тоа ќе остане така“, му пишуваат граѓаните на премиерот Заев, прашувајќи зошто мора да бидат труени.

„Дали некој ќе одговара за ова? Дали Вие ќе повикате некој на одговорност или ќе повлечете од функција одредени челници? Дали ќе поведете кривичен процес за ова? Дали ќе оставите народот да е заложник на „шака“ структури кои заработуваат од препродавање бакар?“, прашуваат граѓаните.