Министерот за надворешни работи, Никола Димитров при денешната посета на Косово рече дека ако Македонија воведе контрамерки работата ќе ескалира во лош правец и потоа, повторно ќе мора да се седне за да се најде решение, осврнувајќи се на косовската одлука за зголемувањето на царините на овошјето и зеленчукот.
Тој е убеден дека двете држави ќе ја следат новата европска практика и низ брз дијалог ќе се надмине ова прашање.
– Во време на поврзување и имплеменитрање на Берлинскиот процес кој токму тоа го налага, треба да се елиминираат бариерите. Мислам дека само тоа е патот за заштита и на нашите и на вашите производители. Мислам дека не можете да се заштитите себе си ако го повредите соседот. Не може една мерка да биде добра за Косово, ако не е добра за пријателот во соседството. Мора да најдеме решение – рече Димитров.