За време на продолжениот викенд и во текот на вчерашниот ден царинските службеници спречија неколку обиди за криумчарење на разна стока и тоа 62 пара патики, 37 парчиња рачен алат штрафилици, 5 парчиња брусалки, 7 парчиња батерии со полнач, запленети на влез во државата на граничен премин Табановце, соопштија во Царинска управа.
„Непријавената стока е пронајдена во патничко моторно возило со странски регистарски таблички. На прашањето на царинскиот службеник дали има нешто да пријави, возачот изјавил дека има само лични работи, но при преглед на возилото во багажниот простор, на задните седишта и под нив, во најлонски кеси и торби е пронајдена непријавената стока. Стоката е привремено задржана, а против лицето е
поведена прекршочна постапка“, информираат во Царина.
Освен тоа, запленети се и 26 штеки цигари откриени од страна на мобилните царински тимови на влез во државата на граничен премин Богородица, во два одвоени случаи. Во првиот случај откриени се 12 штеки цигари во товарно моторно возило со македонски регистарски таблички. Непријавените цигари се пронајдени во кабината и во надворешниот дел на влекачот од товарното возило. Во вториот случај 14 штеки цигари се откриени исто така во товарно моторно возило сомакедонски регистарски таблички, во кабината на влекачот и во странични шуплини од возилото.