Суспендиран раководителот на сектор Mлади во АМС, Комисијата треба да ја плати штетата

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски денеска на прес-конференција соопшти дека Агенцијата ќе поведе дисциплинска постапка и ќе го суспендира раководителот на секторот Mлади поради објавувањето на збирката поезија, која содржи сексизам и дискриминацијата.

Тој истакна дека одговорност за објавувањето на збирката ќе сносат и членовите на Комисијата којашто го вршела изборот на песните, бидејќи според него таа имала и должност да направи избор кои од песните ќе бидат објавени. Од нив ќе се бара и да ја надокнадат направената штета од 170.000 денари, за печатењето на 5.000 примероци.

-Комисијата имала обврска да изврши селекција на пристигнатите песни, одговорноста за извршениот избор ја имаат нејзините членови. Агенцијата ќе поведе постапка и ќе бара од Комисијата да ја надомести штетата во целост – рече Каевски.

Тој додаде дека не размислува да поднесе оставка, туку инсистира да се истражи случајот и да се лоцира одговорноста. Според него утврдено е несовесно, нестручно несоодветно и непрофесионално работење кај неколку чинители кои имале активна улога околу публикацијата „Млади поети“.

-Како директор не сум дал ниту писмена, ниту усна согласност да бидам уредник на збирката песни, а Агенцијата за млади и спорт не може да биде издавач, ниту пак јас како овластено лице не можам да бидам уредник, согласно Законот за издавачка дејност – вели Каевски.

Директорот на Агенцијата информираше дека МВР ќе го гони за украден идентитет авторот на песните со дискриминаторска содржина и говор на омраза, објавени во збирката „Млади поети“.