Хуманитарен базар на ракотворби изработени од бегалци во Сули-ан

По повод Светскиот ден на бегалците, 19 јуни, денеска во 18 часот, во дворот на Сули-ан во Старата скопска чаршија, ќе се одржи хуманитарен базар на повеќе од 100 ракотворби (накит, цртежи и слики) изработени од бегалци, под мотото „Создади надеж“.

Во февруари и во март оваа година се одржаа 15 работилници за терапија со уметност со 139 учесници, бегалци и мигранти, за да им се помогне во справувањето со траумите што ги преживеале во текот на нивното патување кон подобар живот и во подобрувањето на нивната емоционална, духовна, когнитивна и физичка благосостојба.

„Овие работилници ми беа безбедно место за дружење. Но, ми беа и повеќе од тоа, тие ми помогнаа да ги изразам своите чувства преку моите уметнички дела и ми ја дадоа потребната самодоверба да извршувам и други активности. Исто така, ми помогнаа да ги развијам вештините што ми се потребни за да станам вистински уметник“, изјави 17-годишно момче кое четири месеци престојува во Транзитен центер – Табановце, а учествуваше на работилниците.

Работилниците за терапија со уметност се организираа во рамки на проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и на мигрантите, спроведуван од Македонското здружение на млади правници во соработка со „Отворена порта – Ла Страда“.

Собраните средства ќе бидат искористени за потребите на бегалците и на мигрантите што транзитираат или престојуваат во Македонија.