Во Свети Николе земјоделци со стотина трактори си ги бараа субвенциите за 2015 и за 2016 година

Наместо кон нивите, земјоделците од Овче Поле, денеска со стотина трактори се упатија пред подрачната единица на Министерството за земјоделство во Свети Николе, каде протестираа и побараа исплата на субвенциите. Земјоделците тврдат дека не им се исплатени субвенциите за 2015 и за 2016 година. Велат дека без субвенции не можат да ја почнат новата реколта ниту, пак, можат да ги издржуваат своите семејства.

Според нивна груба проценка, на земјоделците од овој регион, државата за субвенции им должи околу четири милиони евра. Доколку не им се исплатат парите за седум дена, тие се заканија дека ќе го блокираат патот Штип – Велес.

Проценка е дека во општините Лозово и Свети Николе има повеќе од 4.000 земјоделци кои ги очекуваат своите субвенции. Тие се соменеваат дека наскоро ќе ги добијат парите што им следуваат, бидејќи со месеци доцнат решенијата со кои им се одобруваат.

– Бараме веднаш да ни бидат исплатени заостанатите субвенции за 2015 и за 2016 година. Секојдневно слушаме дека има субвенции, но на сметките на земјоделците нема ни денар. Со паушални изјави се даваат лажни надежи на земјоделците, кои немаат пари да ги продолжат пролетните работи. Прашувам дали има посебни бензински пумпи и продавници за храна за зејмоделците – изјави Љубе Анастасов од здружението „Овчеполски фармер“ од Свети Николе.

Земјоделството е единствената дејност на овие луѓе, кои се пожалија дека одвај преживуваат поради ниските откупни цени на пченицата и на јагнешкото и на свинското месо.