Продолжува распитот на Асанж во еквадорската амбасада во Лондон

Шведската државна обвинителка Ингрид Исгрен пристигна во амбасадата на Еквадор, каде ќе продолжи со испитувањето на основачот на „Викиликс“, Џулиен Асанж, во врска со истрагата за силување.

Сослушувањето на Асанж поради наводните силувања во Шведска почна вчера, а неговиот адвокат, Пер Самуелсон, наведе дека нема сомнеж оти неговиот клиент е невин.

Обвинение против Асанж за силувања во Шведска сè уште не е поднесено, туку станува збор за предистражна постапка.

Покрај шведската обвинителка, на распитот е присутен и обвинител од Еквадор, како и шведски полициски инспектори. Се планира, со согласност од Асанж, да се земе примерок од неговата ДНК.
Адвокатот Самуелсон наведе дека испитувањето ќе трае неколку дена.

– Јас сум полн со надеж. Објективно, нема сомнеж дека се случило нешто, како што вели Асанж – вели Самуелсон.

Асанж претходно, преку адвокатот, рече дека сослушувањето го гледа како „можност да ја тргне лагата од своето име“.

По претседателските избори во САД, симпатизерите на Асанж поведоа петиција со која го повикуваат Доналд Трамп да го ослободи основачот на „Викиликс“ од сите обвиненија. Петицијата досега има повеќе од 17.000 потписи.