Нема крај за штрајковите на грчките пристаништа

Вработените на пристаништата во Солун и во Пиреја од денеска прогласија нов 48-часовен прекин на работата, со што се продолжува минатонеделниот штрајк. Штрајкот трае веќе 19 дена и ги блокира целосно товарниот транспорт и превозот на патници. Вработените бараат пишани гаранции за нивните работи места за да нема отпуштања откако ќе се приватизираат пристаништата.

Поради штрајкот, остануваат заглавени илјадници контејнери полни со производи и на бродовите на Пиреја и во Солун, но и на пристаништата, без можност да се товарат за транспорт кон Европа.

Кон штрајкот против приватизација на државните компании се вклучени и вработените во јавниот превоз, кои имаат постојани прекини на работата, но и вработентие во грчката железница. Железницата утре, задутре и в четврток ќе има континуиран штрајк поради што ќе бидат откажани огромен број од патничките и товарните возови.

Протестите создаваат нови главоболки за грчките и за странските извозници и компании кои првично поради земјоделскиот, па поради бегалските блокади, а сега и поради овие штрајкови, не можат да воспостават редовен превоз на стоките од Грција кон ЕУ.