20.000 деца во Фалуџа чекаат да бидат ослободени од ИД

Во ирачкиот град Фалуџа, кој пред две години беше заземен од Исламска држава и каде што се водат жестоки битки, заробени се околу 20.000 деца.

Детскиот фонд на Обединетите нации предупредува дека децата се соочени со ризик од принудна регрутација и со одвојување од семејствата.

Од почетокот на ирачката воена операција во Фалуџа, 60 километри западно од Багдад, мал број семејства биле во состојба да го напуштат градот и многу од нив се повлекле во два логори, додека други се скриле кај роднини и кај членови на пошироките семејства.

Обединетите нации наведуваат дека од минатата недела 624 семејства успеале да ја напуштат Фалуџа, која е традиционално сунитско упориште.

Постои опасност дека Исламска држава би можела да ги искористи преостанатите цивили како човечки штит, а хуманитарните агенции наведуваат дека недостигаат храна и лекови и дека водата не може да се користи.

Премиерот Хајдер ал Абади апелираше до вооружените сили во земјата да ги заштитат цивилите додека траат борбите за ослободување на градот.