Попоски: Направивме сериозни напори во справување со мигрантската криза

Потврдено е дека контролата на македонско-грчката граница за заштита од бегалскиот наплив е веќе реалност, изјави министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, на неформалниот совет за надворешни работи на Европската унија посветен на западно-балканската мигрантска рута, што се одржува во Амстердам. На состанокот присуствуваат и шефовите на дипломати на земјите-кандидати за членство во ЕУ на оваа рута: Македонија, Турција, Србија и Албанија.

– Нашата улога во оваа криза е видена во позитивен контекст, како конструктивен актер. Тоа што е значајно за нас и вреди да се истакне е дека навистина успеавме да ги убедиме нашите европски партнери дека Македонија е земја на која може да се потпрат и во изминатиот период навистина направивме сериозни напори во справување со оваа мигрантска криза. Значајно е и тоа дека денеска, контролата врз македонско-грчката граница не е само план, туку тоа е реалност. Ние покажавме дека не сме во позиција да чекаме да се прават планови и финансии, туку ги воспоставивме оние мерки што Европа ги очекува од нас со сопствени напори и со сопствени финансии – истакна Попоски.