Хојте: Законот за „бомбите“ мора да е европски ако имате аспирации кон ЕУ

Почна средбата на работните групи на партиите потписнички на Договорот од Пржино, на која треба да се договорат законите за влада, за „бомбите“ и за таканаречените „свиркачи“. Вчера лидерите на четирите политички партии на средбата со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, не постигнаа никаков договор.

Белгискиот олеснувач, Питер ван Хојте, пред почетокот на средбата, ги повика партиите да ги затворат отворените прашања и што побргу да го достават изборниот законик до Собранието.

– Имаме договор за изборниот законик и треба да се погрижиме што е можно побргу да се поднесе до Собранието за гласање. Не знам кога ќе биде тоа, ќе разговараме на таа тема со партиите сега, но и за сите други прашања што треба да бидат затворени – рече Хојте.

Олеснувачот истакна дека партиите допрва треба да го донесат законот за материјалите што произлегуваат од прислушување, но истакна дека тој мора да биде направен според европските стандарди.

– Законот за „бомбите“ треба да биде во согласност со меѓународните и со европските стандарди, а тоа е најважно во моментов. Можете да правите легислатива само ако имате амбиција еден ден да станете земја-членка на ЕУ и вашата легислатива треба да биде во согласност со европските стандарди. Како ќе изгледа законот, допрва ќе видиме, работните групи тоа треба да го одлучат – рече олеснувачот.

Хојте не сакаше да прецизира дали има рокови за решавање на отворените прашања ниту, пак, до кога ќе трае денешната средба, но порача дека се потребни свежи идеи.

– Не знам колку ќе трае денешната средба, се надевам дека нема да биде до доцна, затоа што ова е многу изморувачки за сите нас и би било добро луѓето да можат да се наспијат и да се вратат со свеж ум и со свежи идеи. За рокови не можам да разговарам. Ќе видиме како ќе се одвива средбата – рече Хојте.